Македонија заличува на организирана држава

Се чини дека по бавниот почеток, Македонија заличува на организирана држава, политиката покажува потребен консензус за справување со состојбата и ги презема потребните мерки за справување, особено здравството и внатрешни работи, а донекаде се заостанува во економијата и во образованието. За посебно поздравување е одложувањето на изборите, што ќе ги ослободи мерките од изборниот притисок, како и воведувањето вонредна состојба

На малку помалку од еден месец на денот на пишувањето на коментарот „Коронавирус во Македонија не е прашање дали, туку кога“, на 19 февруари беше објавен првиот случај на ковид-19 или коронавирус во Македонија, а пред две недели пишував „И пред пандемија и пред рецесија“, за денес да стигнеме до 35 заразени и предлог на Владата за воведување вонредна состојба во земјата. 
Неверојатно брз развој, кој бара исклучителна одлучност во справувањето со епидемијата. За да се рефлектира на досега преземените мерки, потребна е симулација на можниот развој на ковид-19. Во таа симулација има некои познати работи (инкубација, заразност), но и непознати работи, како дали вирусот е сезонски (осетливост на климатски услови/сонце/влажност) и колку трае имунитетот по контакт со вирусот.
 
Доколку вирусот е сезонски како обичниот грип, може да се очекува повлекување во мај/јуни. Должината на имунитетот, од друга страна, влијае на повторна инфекција и ефективност на вакцините. Овие две прашања не може да се одговорат без да помине доволно време. Во одредени сценарија епидемијата би се намалила во мај/јуни, но со можно повторување следната зима во ноември, а вакцина би била достапна за една година. Според досегашното искуство во Кина и развојот во Европа, се очекува дека епидемијата ќе трае од 6 до 16 недели. За Македонија предизвикот е дека и доколку Италија се стабилизира, ќе има пораст во Германија и во Швајцарија, каде што има доста македонски граѓани. 
 
Се појавија модели според кои Македонија ќе има 200 заразени до крајот на месецов, а според министерот Венко Филипче може да се очекуваат околу 2.000 заболени до средината на април. Сепак сѐ уше не е јасен ефектот на враќање на македонските граѓани од Италија, Германија и од Швајцарија (стари лица без здравствено осигурување во странство, сезонски работници или работници што ја изгубиле работата поради епидемијата). За потсетување, во 2010-та во пандемијата на свински грип во Македонија имаше околу 2.600 заразени и 26 мртви (неслужбени информации).
Во 2019/2020 има над 4.300 заболени од грип А и Б или 200/100.000 жители. Земајќи ја предвид поголемата заразност, но и посилните мерки за задржување и ублажување, може да се очекува бројот да биде меѓу 2.500 и 5.000 лица, од кои 80 проценти би биле лесни и умерени случаи, а 20 проценти, или 500-1000 лица, што би барале здравствена грижа и околу 5 проценти потешки случаи. Ширењето е во голема мера зависно од успешноста на мерките за задржување, односно мерките за забавување на епидемијата, за тестирање, изолација и следење на контактите на заразените и на социјално дистанцирање. 
 
Почетниот оптимизам „Што е проблемот да се седи дома две недели, да се решат сите случаи и потоа да си продолжиме со животот?“ е многу наивен пристап кога се очекува врв на епидемијата во април/мај, а други прават планови за изолација за следните четири месеци. Ковид-19 засега широк спектар подрачја, од здравство, внатрешни работи, економија, образование, конзуларна поддршка, спорт, култура итн… Се чини дека по бавниот почеток, Македонија заличува на организирана држава, политиката покажува потребен консензус за справување со состојбата и ги презема потребните мерки за справување, особено здравството и внатрешни работи, а донекаде се заостанува во економијата и во образованието.
 
За посебно поздравување е одложувањето на изборите, што ќе ги ослободи мерките од изборниот притисок, како и воведувањето вонредна состојба. 
Посебна заслуга за министерот Венко Филипче за справување во дадените околности. Здравствените мерки во задржување и ублажување генерално се спроведуваат навреме и соодветно. Задржувањето, односно мерките за забавување на епидемијата, како и мерките за заразени (тестирање, изолација и следење на контактите) и за социјално дистанцирање се спроведуваат. Во моментот Македонија ги затвори границите и аеродромите. Следни чекори ќе бидат укинување на внатрешниот групен транспорт и целосна изолација на погодените градови. Филипче и здравството се чинат навремени со мерки за ублажување, главно преку зголемување на бројот на единици за итна нега, критично за намалување на смртноста. Достапноста на над 200 единици, како и можноста за зголемување до 500 единици за итна нега, во основа би требало да е доволно сите тешки заболени да добијат соодветна здравствена нега.
 
Слабата алка во ова подрачје се чини дека се тестирањата и самоизолацијата. Во неможност да се контролира самоизолацијата на неколку илјади граѓани што доаѓаат од странство, ќе завршиме со полициски час за цела нација. Изолација на цела нација не може да трае предолго, бидејќи ќе доведе и до социјален и економски колапс, и понатаму фокусот мора да биде на заразените и на ранливите групи. Искуствата на Кореја покажуваат неопходност на масовно тестирање за рано откривање на заразените, а искуствата од Кина, Сингапур, Хонгконг, Тајван и други покажуваат дека се клучни самоизолацијата и следењето на контактите на заболените. Овие земји употребија анализа на биг дата, односно следење на ГПС/ГПРС на мобилните и за спроведување на самоизолацијата и за одредување на контактите и можните новозаразени. Казните за кршење на самоизолацијата се парични и затворски. Израел е прва условно западна земја што ја разгледува оваа мерка. Велика Британија, пак, размислува за мерки за изолација на ранливите групи како над 70 години возраст и хронично болни. Таквите мерки би барале или колективна изолација (можно решение детските одморалишта низ земјата) или домашна изолација, поддржана со услуги за поддршка како достава дома.
 
(продолжува)
 
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк   @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus