Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер вчера изјави дека претседателот на САД Доналд Трамп го нарекол „брутален убиец” на самитот на Г-7 во Канада кон крајот на минатата недела. Ова тој го кажа во вчерашниот говор во парламентот на Баварија.
– Минатата недела Трамп ми рече: Жан-Клод – Вие сте брутален убиец- изјави Јункер, кој е поранешен премиер на Луксембург.
– За првпат Луксембург се претвора во таква опасност за САД. Мислам дека тоа го кажа како комплимент, но не сум сигурен, рече Јункер.
Средбата на Г-7 не доведе до затворање на зголемениот јаз меѓу САД и другите сили, од кои многу го обвинуваат Трамп за водење на неправедна трговска политика.
Земјите од ЕУ вчера едногласно го поддржаа планот за увозни давачки во вредност од 2,8 милијарди евра за американски производи, како одговор на царините на САД за увоз на челик и алуминиум од Унијата, вели извор од ЕУ.
– Не можам да ги оставам царините без одговор. Не сум расположен за војна, но, не прифаќам да ни диктираат од друго место што да правиме во Европа- изјави Јункер.