Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во денешното соопштение до медиумите наведува дека недвосмислено ги поддржува граѓаните во практикување на нивното право на протест и слободно искажување на ставовите и мислењата, но апeлира на воздржаност од употреба на говор на омраза.
– На вчерашниот протест пред Собранието на Република Македонија по повод веста за решението на спорот со името помеѓу Р. Македонија и Р. Грција, беше регистриран говор на омраза и повикувања на насилство од страна на учесниците на протестот. Во тој контекст, Хелсиншкиот комитет упатува најстрога осуда за говорот на омраза присутен на вчерашниот собир, особено имајќи ги предвид случувањата на 27-ми април 2017 година, како и говорот на омраза што му претходеше на насилството во Собранието, се вели соопштението.
Хелсиншкиот комитет апелира до сите граѓани да се воздржат од употреба на говор на омраза, навредливи и провокативни пораки кон различните етнички заедници и националности. Со цел сузбивање на говорот на омраза и разните облици на повикување на насилство и нетолеранција, ХК бара од надлежните институции да постапуваат по ваквите инциденти и да санкционираат секој вид на говор на омраза.