Од бележникот на писателот Трајче Кацаров

„Те сакам мамо!“
Кога ќе се каже
Ниту може,
Ниту помислува некој
Со реченото да лаже

„Те сакам мамо!“
Срцето говори
Појасно и погласно
Од сите усти
Од сите празни зборови

„Те сакам мамо!“
Во староста ако го кажеш
Да не те чуди
Поистрајна љубов
Животот не ни нуди

Дар

Кога ја дочекав мама
Ах, кога ја дочекав мама
Сонцето изгреа
Од сите темни агли
На турската маала
Од прозорците
На градската болница
Се подадоа букети од рози
А во дворот на нана
Замаршираа во строј
Филџани со топло чоколадо
Кога ја дочекав мама
Ах, кога ја дочекав мама
Ластовицата од под стреата
Крилјата ми ги понуди сама

„Не летај толку високо!“-
Врескаа децата од улицата
Додека во пресрет
Ми идеше насмевката
На мама.

(Најсаканиот дар
Што ми го донесе
Од екскурзијата*
Што ѝ траеше само
Неколку дена)