Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти, што резултираше и со најголема досега подреализација на капиталните инвестиции во буџетот и забавеноста во реализацијата на странските инвестиции, го одредија отсуството на раст
Македонската економија и во почетокот на 2018 година стагнира со пораст од само 0,1 отсто во првиот квартал оваа година во споредба со истиот период лани. Минатата година не постигна раст, таа заврши со стапка од нула отсто. Стагнацијата на домашната економија во 2017 година главно се должи на падот на градежништвото, од 13,7 отсто. За оваа година Владата очекува раст од 3,2 отсто, но со сегашнава реализација на капиталните инвестиции т.е. падот на градежништвото од 37,2 отсто, што е рекорден досега, тоа е невозможно. Некои од економистите велат дека во вакви околности би било добро да имаме економски раст од 2,2 отсто.
– Особено е загрижувачки што раст нема во првиот квартал годинава, дури и при многу ниска споредбена основа од 2017 година (кога растот изнесуваше 0 отсто). Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти, што резултираше и со најголема досега подреализација на капиталните инвестиции во буџетот и забавеноста во реализацијата на странските инвестиции, го одредија отсуството на раст – објаснија од институтот за економски прашања и политики, „Фајненс тинк“
Оттаму сметаат дека податоците за првиот квартал се само рефлексија на она што се случуваше во претходната година, економијата беше ставена во целост во заден план.
– Дополнително загрижува растот на потрошувачката на домаќинствата (2,3 отсто), во услови на пораст на платата кај сегменти од населението што сѐ повеќе склони кон потрошувачка. Сепак, и покрај ваквите движења кај БДП, стапката на невработеност забележа понатамошно намалување. Темпото на намалување на невработеноста е слично како во претходниот период. Но, падот на невработеноста главно се должи на исцрпување на ефектите од претходните политики: вработувањата во странските фабрики (пораст на вработеноста во преработувачката индустрија) и активните мерки за вработување – велат од „Фајненс тинк“
Од институтот додаваат дека владин фокус врз економијата и повторно заживување на растот сега е попотребен од кога било претходно, нагласувајќи дека ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да се креира нова вредност во економијата, главно преку мерки за поттикнување на домашните и на странските инвестиции и извозот.
– Во согласност со ваквите движења, ние ја ревидиравме стапката на раст на БДП за целата 2018 година на 2,2 отсто (од претходните 3,1 отсто). Притоа, негативните ризици врз растот остануваат на сцената: дефокусот од економските прашања, подреализацијата на капиталните инвестиции и неизвесноста околу европските интеграции – истакнуваат од „Фајненс тинк“.
Од Македонската академија на науките (МАНУ) велат дека приоритетни прашања за идниот раст и развој на земјата се развој на претприемаштвото и зголемување на склоноста на претпријатијата за иновирање, одржување на бруто-инвестициите на задоволително ниво, зголемување на вработеноста, изградба на силни и ефикасни институции и зголемување на квалитетот на владеењето, утврдување и поддршка на сектори со неискористени ресурси и висок потенцијал за раст, интегрирање на економијата во глобалната и во регионалната економија – евроинтеграции.
– На долг рок е битно да работиме на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може да ја помрднеме оваа долгорочна стапка на раст. Ќе издвојам три фактори, што сметам дека ќе го поместат долгорочниот раст на економијата. Прво, тоа е производната база во економијата, која полека почна да се зголемува и структурно да се поместува со влезот на странските фабрики – неодамна објасни универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Професорот вели дека не треба да се напушти концептот на зголемување на производната база, зајакнување на нејзината технолошка основа и поврзување со домашната производна база, која можеби не е доволно силна сама да се вклучи на меѓународните пазари и во глобалните синџири на снабдување.
– Вториот фактор е човечкиот капитал, каде што ние значајно потфрламе. Ќе може да имаме поголем раст на долг рок, ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.
Според него, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.
– Ако ги поставиме овие темели на економијата, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме оној долгорочен раст на 5 отсто, па и повеќе на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придржување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.