Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими претседателот на Националниот совет на Парламентот на Република Австрија, Волфганг Соботка.
На средбата стана збор за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија, при што беше оценето дека двете држави негуваат одлични билатерални односи во повеќе сфери од заеднички интерес.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за актуелните состојби во регионот, како и за предизвиците коишто произлегуваат од нелегалната миграција.
Пендаровски ја истакна важноста на силната, безрезервна и принципиелна австриска поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и на регионот. Во тој контекст, Пендаровски изрази очекување дека наскоро, по донесувањето на новата методологија за водење пристапни преговори, ќе биде одреден датум за почетокот на пристапните преговори за членство во Унијата, што е во интерес на стабилноста на регионот и на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно интензивирање на соработката меѓу парламентите на двете држави, како важен аспект во јакнењето на меѓудржавната соработка.