По детална анализа, правни тимови заклучиле оти промената на имињата на училиштата во Чаир била направена согласно членот 26 од Законот за основно образование, пишува претседателот на СДСМ, Зоран Заев на неговиот профил на Фејсбук.
– Вчера и денеска ги проверивме сите аспекти од постапката на носење на имињата на основните училишта во Чаир. После темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Бадентерово мнозинство не било неопходно – пишува Заев.
Тој во објавата додава и дека одговорноста пред граѓаните подразбира и темелна проверка на фактите и спречување на какви било обиди за политичко поентирање врз база на меѓуетничките односи во нашата земја.
– Одговорно е да се водиме од словото на законот, нема и не смее да има простор за ширење национализам и поделби. СДСМ е партија предводник на концептот едно општество за сите која се води исклучиво од словото на законот – пишува Заев.
Вчера, на прес-конференција, Заев кажа дека државните органи треба да ја проверат основаноста на регистрацијата на новите имиња на двете основни училишта, бидејќи таа одлука според него е незаконска. Тој вчера рече оти не може таква одлука да биде донесена врз основа на решение од некој училиштен одбор и дека правото треба да го почитуваат сите.