Роми-активисти и интелектуалци од граѓанската организација „АВАЈА“ бараат од политичките партии да ги вклучат приоритетите на Ромската заедница во престојните политички програми. Тие денес ја промовираа новата кампања „Мојот глас – твоја должност“ во пресрет на парламентарните избори. 

Од „АВАЈА“ велат дека дел од приоритетите на партијата која ќе победи на престојните избори, треба да обезбеди поголема политичка партиципација, вработување, обезбедување, негување на културата на Ромите, односно да се подобри позицијата на Ромите во општеството.

За таа цел „АВАЈА“ ќе организираат јавни сослушувања со носителите на листите за пратеници во 6-те изборни единици и централен настан на 8-ми април 2020, каде ќе се организира сослушување со претседателите на двете најголеми партии, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

– Пред изборите и по изборите претставува клучен период. Во овој период сметаме дека постои искористување на ромската популација, особено на ранливите категории. Овој процес ние сакаме да го смениме, сакаме да ја подобриме позицијата на Ромите во општеството и да го направиме потранспарентен процесот – вели Елвис Мемети.

На денешниот брифинг Алберт Мемети, најави дека организацијата ќе обезбедат поддршка од 12.000 Роми од 17 општини од Македонија за вклучување на приоритетите во политичките програми.

– „АВАЈА“ воспостави структури на тим лидери во 17 општини, кои спроведуваат консултации со Ромската заедница за проблемите и потребите кои се идентификуваа во изминатиот период. Организиравме и средби со советниците на двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ каде што им ја претставивме кампањата. Одиме на средби и со амбасадори од различни земји, каде што ги истакнуваме потребите на Ромската заедница за да обезбедиме поддршка за заложба на политичките лидери за реализација на потребите на заедницата. Во текот на изборите активно ќе го следиме целиот процес со мониторинг тим кој ќе известува за сите нерегуларности и споредување на фер избори. За да ја зголемиме свеста кај заедницата и зрелоста кај политиките партии, организираме јавни дебати помеѓу ромските политички партии и граѓански активисти за дадат отчет за сработеното и со тоа да се придонесе за информиран избор на претстојните избори – вели Алберт Мемети.

„АВАЈА“ има за цел да ги застапува интересите и приоритетите на Ромската заедница на предвремените парламентарни избори 2020 и да ја подигне политичката култура за информиран избор кај ромската заедница.

Елвис Шаќири, Алберт Мемети

Според претставниците на граѓанското движење „АВАЈА“, овој пристап ќе придонесе кон подигнување на политичката култура на ромските гласачи и ќе овозможи да направат информиран избор кој ќе биде во интерес на ромската заедница. Овие активности ќе придонесат кон зголемување на заложбите на политичките субјекти за решавање на проблемите на Ромската заедница.

– „АВАЈА“ е граѓанска иницијатива, односно глас на народот, којашто пред се работи во интерес на заедницата и нема поврзаност со ниту една политичка партија. Остануваме посветени на барањата на Ромската заедница и активно ќе го следиме процесот на реализација на ветувањата, користејќи ги сите демократски средства. Со цел да ја зголемиме свеста кај заедницата и зрелоста кај политичките партии, организираме јавни дебати помеѓу ромските политички партии и граѓански активисти за дадат отчет за сработеното и да се придонесе за информиран избор на претстојните избори – изјави Елвис Шаќири.    

Х.Ј.