Како што се наближува празникот, така нервозата расте и разговорите на оваа тема, каде и со кого да се оди, стануваат сѐ поемотивни и поемотивни. Маре и Лиле кај Маре, дома…
– Не знам што да правам. Имам две понуди. Едната од Стево, другата од Младен. Овој, Младен е многу упорен. Лепак не му е рамен.
Младен бил како лепак, само не разбравме дали за гума или за хартија. Но, лепакот кај нас е лепило. Лепило за гума, лепило за хартија или универзално лепило. Зборот лепак заборавете го!
Со арно, со убаво!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!