Македонските пензионери претставуваат многу голема и значајна популација. Многумина од нив учествуваа на досегашните парламентарни и други избори во нашата земја. Годинава право на глас имаат над 320.000 пензионери. Тие на изборите главно се изјаснуваат според своите согледувања што е и нивно со устав загарантирано право. Меѓутоа, треба да потсетам дека на старите лица дали ќе апстинираат од избори или ќе гласаат за една или друга опција често влијаат нивните деца или внуци, кои партиски се определени или насочени. Тоа е посебна карактеристика кај албанскиот електорат. Со оглед на тоа дека за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април се најавува многу валкана кампања, сметам дека значаен број пензионери нема да бидат учесници на ваквите игри, бидејќи меѓу нив има повеќе чесни и добронамерни луѓе од кои треба да зрачат позитивна енергија, меѓусебен почитување, соживот и слично, со што ќе бидат сериозна пречка против ширење законски казниви лажни вести, шпекулации и популистички ветувања. Доколку бидат благовремено и точно информирани, пензионерите се очекува да се заложат за спроведување чисти, фер, слободни и демократски избори, без делење на ваши и на наши. Вистината треба да ги обединува, бидејќи се свесни дека само тоа води кон прогрес на државата и создавање подобар пензионерски стандард, дигнитет и достоинство на старите лица.
Во меѓувреме, четирите сојузи и нивните членки здруженија на пензионери се очекува да ги продолжат секојдневните активности. Во најмногубројниот, најактивен и мултиетнички СЗПМ се одржуваат седници за усвојување на годишните сметки и започнува имплементацијата на програмските задачи. Интензивно се вршат подготовки за регионалните пензионерски спортски натпревари и ревии на песни, музика и игри. Во фокусот на здруженијата на пензионерите и на сојузот е и меѓународната соработка. Се очекува да се интензивираат традиционални меѓународни средби за размена на искуства и дружења меѓу пензионерите од соседството, особено со пограничните општини. Во Скопје неодамна е одржана средба на словенечка делегација со раководството на СЗПМ за учество на 20-от јубилеен Меѓународен фестивал за трета животна доба, кој се одржува во Љубљана по повод 1 октомври, Светскиот ден на старите лица. На овој најголем европски фестивал за трета животна доба, македонска делегација и културно-уметнички друштва многу успешно учествуваа веќе десет години. Неколку години се одржуваат и меѓународни хорски средби во Куманово со учество на хорови на пензионери од Србија, Бугарија и од Македонија. Мило ми е што е на повидок и одржување на Европска спортска пензионерска олимпијада, за која идејата беше усвоена пред три години во Љубљана, на состанокот на претседателите на пензионерските сојузи од балканските земји.
Годинава во организација на српскиот „Покрет за трета доба“, во соработка со Сојузот на пензионерите на Србија, првата олимпијада на пензионерите се планира да се одржи од 2 до 5 мај во Врњачка Бања. Деновиве претседателот на извршниот одбор на „Покрет трета доба“, Василије Белобрковиќ, истакна дека протоколот за учество на оваа меѓународна спортска манифестација го прифатиле сојузите на пензионерите од Словенија, Унгарија, Македонија и Србија, како домаќин. Интерес за учество најавиле Чешка и Словачка. Натпреварите ќе се одржуваат во пет дисциплини: стрелаштво, пикадо, шах, кошарка и фудбал. Планирано е Европската олимпијада да се одржува секоја година наизменично во друга земја. Придонес за активна и креативна старост даваат и честите пензионерски екскурзии со посети на балканските земји, особено на Словенија, Хрватска, Грција и на Бугарија како членки на Европската Унија. Посетите би биле и почести доколку нема пречки посетителите да поседуваат сопствени пасоши. Доколку договорот за таканаречен мал шенген помеѓу Србија, Албанија, Македонија и веројатно Црна Гора се реализира, тоа ќе овозможи меѓу овие земји многу послободно движење на луѓе, стоки и услуги, со што Западен Балкан ќе има зголемена регионална соработка од заеднички интерес. Тоа ќе значи и интензивирање на пензионерските екскурзии во овие држави без гранични процедури. Заемните посети на пензионерите ќе значат и размена и користење на искуствата од пензионерскиот живот во земјите од нашето опкружување, за нивното подобро организирање, за проблемите со животниот стандард, за пензиските реформи и слично.
Моите согледувања укажуваат дека сите стари лица во споменатите држави чувствуваат потреба од повисок животен стандард. Тоа за земјите од овој регион особено се однесува на Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска и Грција. Меѓународните искуства како поука укажуваат дека пензискиот систем е главен столб на социјалната политика. Во повеќе земји во Европа од вкупното население околу 25 отсто се пензионери, додека кај нас само 15 проценти. Просечниот век на користење на пензии во нашата земја за мажи е 15, а за жени околу 17 години. За споредба, интересни се објавените податоци дека најмногу години во пензија поминуваат граѓаните во Франција и тоа мажите 22,7 и жените 26,9, во Шпанија 21,7 за мажи и 26,6 за жени и во Италија 20,7 за машкиот и 25,7 за женскиот пол. Просечно во Германија мажите користат пензија 19,7 години, во Велика Британија 18,9, во Соединетите Американски Држави 16,4, додека значително помалку во Јужна Кореја 12,9 и во Мексико 12,8. Кај жените по Французинките, Шпанките и Италијанките сe Германките, кои како пензионерки минуваат во просек 22,5, Британките 22,2, Американките 19,8, Мексиканките 17,5 и Јужнокорејките 16,3 години. Неколку меѓународни истражувања за квалитетот на животот на старата популација во Европа покажуваат дека Норвешка, Шпанија, Шведска, Германија, Англија и Португалија се најдобри за живеење во третата доба. Од параметрите што одлучуваа за овие земји е чистата животна средина, општата секојдневна грижа за старите лица, нивното сместување во модерни домови, лекови и болничко лекување без партиципација, редовна исплата на пензии и вредносни поклони за празниците, бесплатен автобуски градски и меѓуградски превоз, граѓански слободи и меѓугенерациски дружења. Според истражувањата, на другите континенти најдобри земји за живот на пензионерите се Еквадор, Панама, Канада и Малезија поради добра клима и чист воздух, пристапни цени за домување, релативно мали животни трошоци, пријатни забави и дружења, попуст за здравствена заштита, комунални трошоци, за авионски и автобуски превоз и други погодности. Со право се оценува дека таму кај што нема почитување на потребите на старите лица, нема ниту иднина за младите.
(Авторот е новинар и публицист,
експерт за трета доба)