Делумното примирје меѓу САД и талибанците стапи во сила на полноќ во Авганистан, со што е отворен патот за повлекување на американските војници и постигнување договор што ќе биде потпишан на 29 февруари во Доха, според најавите на американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Постигната е согласност да не се извршуваат големи офанзиви во текот на седумдневниот период на „намалување на насилството“. Спогодбата е резултат на преговорите помеѓу двете страни во текот на изминатата година, водени без претставници на авганистанската Влада.
Талибански претставници се надеваат дека ќе биде создадена „поволна безбедносна ситуација“ изразувајќи надеж дека документот ќе биде темел за воспоставување мир во земјата и повлекување на странските војски. Помпео, пак, порача дека мировниот договор на крајот ќе доведе до траен прекин на огнот.
Оружениот конфликт во Авганистан што почна на 7 октомври 2001 година, американските медиуми честопати го нарекуваат „бесконечната војна“. Во досегашните борби животот го загубија околу 70 илјади лица.