Некогаш златен медал на ЛОИ се освојувал и за триумф во нуркање во далечина, пливање со пречки, влечење со јаже, подводно пливање, скок во височина и во далечина со коњ…

Пливањето, гимнастиката, атлетиката, мечувањето и велосипедизмот се петте спорта присутни на сите досегашни модерни летни олимписки игри (ЛОИ), од првите Игри во 1896 година, а ќе ги има и на претстојните, во Токио годинава. Секако, едни Игри денес се речиси незамисливи и без кошарката (првпат официјално под обрачите на ЛОИ се играше во 1936 година), фудбалот (постојано од 1900 година, со пауза во 1932), ракометот (од 1972 година), одбојката (од 1964-та), ватерполото (од 1900-та), боксот (со два прекина од 1904 година) итн. Но гледачите на летните олимписки игри биле сведоци и на повеќе необични спортови, кои се појавувале еднаш или неколкупати и кои одамна не се дел од олимпиското семејство.

НУРКАЊЕ ВО ДАЛЕЧИНА: Некогаш за златен олимписки медал се натпреварувале спортисти во далечинско нуркање со еден здив и без дополнително веслање со рацете или со нозете по скокот во водата. Далечината помината само со инерцијата по скокот, се мерела по првото излегување со главата над водата или по 60 секунди (што ќе било попрво) Тој спорт бил присутен на Игрите во 1904 година во Сент Луис (САД), а победил Вилијам Пол Дики со резултат од 19,05 метри.

ПОДВОДНО И ПЛИВАЊЕ СО ПРЕЧКИ: На ЛОИ 1900 имало натпреварување во подводно пливање, исто така, на еден здив. На истите Игри имало и натпревар во пливање со пречки. На патеката од 200 метри пливачите прво морале да преминат две пречки, а потоа да нурнат под третата.

ВЛЕЧЕЊЕ СО ЈАЖЕ: Од 1900 до 1920 на ЛОИ влечењето со јаже било на олимписката програма, а Велика Британија се покажа како најуспешна со по две олимписки титули и два сребрени медала, како и една бронза. Во тоа време влечењето со јаже било дисциплина од атлетиката. Тогаш во овој тимски спорт било можно една земја да учествува со повеќе состави (така е на зимски олимписки игри, на пример, во боб), па, така, во 1904 година сите три медали ги освоиле Американците, а четири години подоцна тоа го направиле Британците.

СКОК СО КОЊ ВО ВИСОЧИНА И ВО ДАЛЕЧИНА: Само на ЛОИ 1900 во Париз во рамките на коњичките натпревари имало и дисциплини скок во височина и во далечина. Златниот медал со скокови од по 185 см го поделиле француски и италијански натпреварувач, а во скок во далечина победил Белгиец, чиј коњ прескокнал 6,1 м.

ДРУГИ СПОРТОВИ: Од другите спортови што не се на олимписката програма околу еден век се, на пример, трките со моторни чамци (само на ЛОИ во 1908 година), потоа крокет (на ЛОИ 1900, а тоа е игра во која со голем чекан се удираат дрвени или пластични топки кон одредени цели, на тревнат терен), поло (до ЛОИ 1936, тоа е тимска игра во која спортистите на коњ имаат палки со кои удираат топка, која ја насочуваат кон одредена цел), крикет (само во 1900 година), лакрос (двапати, 1904 и 1908 година, тоа е тимски спорт, играчите имаат стап со мрежа, со кој го носат, додаваат, фаќаат и го шутираат топчето во голот), голем ракомет (во 1936-та, тимски спорт, претходник на денешниот ракомет) итн. 


Прво тест па прием, дури и за кошарката

Многу од спортовите што сега се олимписки веднаш почнале како официјални, но има и повеќе што прво биле демонстрациски спортови пред да бидат примени во олимпиското семејство. Така, прво на „тестирање“ морале да поминат кошарката (двапати на „испит“ во 1904 и во 1924 година), одбојката (на ЛОИ 1924), кану/кајак спринт (1924-та), а ватерполото и тенисот прво имале периоди кога биле на официјалната спортска програма на ЛОИ, па ги префрлиле како демонстрациски, па одново ги вратиле во трките за медали.


 

Само демонстрациски спортови

Во историјата на олимпизмот имало и повеќе спортови што останале само како демонстрациски. Така, во 1900 година имало трка во балони на топол воздух и во летање змејови, американски фудбал во 1932 година, потоа во 1972 година скијање на вода, па куглање во 1988 година итн. На зимските олимписки игри, пак, како демонстрациски спортови биле и трка со санки што ги влечат кучиња во 1932 година, брзинско скијање во 1992 година, т.н. уметничко скијање во 1988 и 1992 година итн.