Првата македонска влада од 1945 година

Пишува: Блаже Миневски

Настојуваат да нѐ убедат дека се најарните Македонци и дека само тие мислат
за доброто на Македонија. Од името на тоа свое лажно „големо македонство“ велат дека „пак сме биле изиграни“, а всушност самите остануваат предавници и разбивачи на нашето единство… Сите тие новопечени божем Македонци и лажни англофили… стојат на единствената „линија“, а таа е: постојани провокации за да се разбие нашето
единство…, се поенти на говор на повоениот македонски функционер Лазар Колишевски

Внимавајте, „сите наши непријатели со провокации сакаат да се разбие нашето единство, а со постојани саботажи да се оневозможи нормализација на приликите и изградба на земјата. Непријателите го користат секој случај за развивање на својата дејност, а настаните во Грција ги користат како адут дека и кај нас ќе дошла друга сила.“ „Не смееме да дозволиме бивши агенти да ги рушат темелите на Македонија!“
Ова не е изјава од вчера туку изјава стара 75 години! Станува збор за акцент од обраќање на Лазар Колишевски од март 1945 година, иако звучи како да е во сегашноста?!

Империјалистите не се откажале од завладувањето на Македонија

„Ставот на одделни меѓународни кругови спрема Демократска Федеративна Југославија е мерило на нивната демократичност… Сето тоа нас мора да нѐ натера подлабоко да погледнеме и да видиме имаат ли тие кругови свои агенти кај нас. Јасно е дека има. Тие настојуваат да нѐ убедат дека се најарните Македонци и дека само тие мислат за доброто на Македонија. Од името на тоа свое лажно ’големо македонство‘ велат дека ’пак сме биле изиграни‘, дека ’пак Србите ќе дошле‘ и дека ’народната власт е привремена‘, а всушност самите остануваат предавници и разбивачи на нашето единство… Сите тие новопечени божем Македонци и лажни англофили, како отворени непријатели на Народноослободителната борба и нејзините придобивки кај нас, стојат на единствената ‘линија‘, а таа е: постојани провокации за да е разбијат нашето единство и вербата во народната власт, и постојани саботажи за да се оневозможи нормализацијата на приликите и изградбата кај нас. Непријателите го користат секој случај за развивање на својата дејност. Така тие последните настани во Грција ги користат како некој адут дека и кај нас ќе дошла друга сила“, истакнал Лазар Колишевски во својот реферат на Првото заседание на Главниот одбор на ЕНОФ, заедно со Президиумот на АСНОМ, на 4 март 1945 година во Скопје.

И во Народна Република Македонија согледани манифестации на сепаратизам за расцепкување на македонската држава

Во продолжение на своето обраќање пред вонредното собрание на АСНОМ во април 1945 година, Колишевски зборува за империјалистите, кои не се откажеле од завладувањето на Македонија: „Манифестации на сепаратизам сретнавме и кај еден дел од нашата интелигенција…, кој не само што не учествуваше во денешната борба на македонскиот народ, ами доби и разни положаи и места од фашистичките окупатори и затоа никако не можеше да се помират со новото. Главните експоненти на сепаратизмот кај нас се големобугарските фашистички агенти кои, користејќи ги економските врски што постоеја до пред извесно време со Бугарија, се обидоа во некои средини кај нас по одделни прашања да внесат сепаратистички разбирања и дека големобугарските агенти и империјалисти не се откажеле од завладувањето на Македонија“. Тој подвлекол и дека во иднина треба уште повеќе да се работи турското и албанското малцинство да се привлече поблиску до народната власт и во политичкиот живот.

Малцински права во Македонија по меѓународен модел уште по ослободувањето

„Нашата политика спрема Србите што живеат во Македонија треба да биде јасна и недвосмислена. И ним треба да им се дадат училишта на мајчин јазик, исто како што му се дадоа на турското и албанското малцинство… Што се однесува до барањето на извесни ’србомански‘ елементи и за нив да се отворат српски училишта, јасно е како ден дека за тоа не може ни збор да стане. Македонци што бараат денес отворање на српски училишта не можат да бидат ништо друго, освен агенти на Дража Михајловиќ и разбивачи на македонскиот народ… Јас мислам дека ние не треба во секој ’србоман’ во Македонија да гледаме дражиќевец ниту пак смееме во секој ’бугарофил‘ да гледаме врховист. Ние не смееме да дозволиме бившите големобугарски, големосрпски, големоалбански и големотурски агенти во Македонија да ги рушат основите и да го разбиваат единството“, констатирал пред седумдесет и пет години Лазар Колишевски, долгогодишен комунистички лидер и најмоќен човек во Македонија во периодот од ослободувањето на земјата до падот на комунизмот.


„Изборите не треба да се потценуваат“

„Ние мора да ги мобилизираме сите наши сили за престојните парламентарни избори. Тие избори не треба да ги потценуваме. Многумина од вас ќе си речат: ’Па сеедно, ние ќе добиеме, секако ќе добиеме.’ Не! Ние мораме да гласаме. Особено вие, работниците, како најсвесни синови на својот народ, мора сто на сто да гласате. Не треба меѓу вас да им такви што не ќе излезат на избори, што не ќе се сетат за својот долг спрема својот народ… На претстојните избори до максимум да ги мобилизираме нашите сили и сите да излеземе на изборите… “, рекол Лазар Колишевски на 8 октомври 1945 година на предизборната конференција на монополските работници во Скопје.


Во МАНУ се чуваат 300.000 страници лична архива на Колишевски!

Во биографијата на Колишевски стои дека тој се вратил во Македонија од Бугарија, каде што бил во затвор, во септември 1944 година, кога пред капитулацијата на фашистите и доаѓањето на власт на Отечествениот фронт е ослободен заедно со другите затвореници. Веднаш по доаѓањето во татковината ја презел функцијата секретар на КПМ, и на таа функција останал до јули 1963 година. На 26 ноември 1944 година, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија, бил избран за нејзин потпретседател, во декември 1944 година за прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ, а потоа, во јануари 1945 година, веќе е на чело на Работното тело на Президиумот на АСНОМ, кое фактички ги презело надлежностите на Президиумот на АСНОМ, односно практично го отстранило Методија Андонов-Ченто од власта. На Третото собрание на АСНОМ одржано на 16 април 1945 година, Колишевски бил избран за прв претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија. Во текот на својата политичка кариера бил на различни државни и партиски функции, имајќи важна улога во политичките настани и општествените процеси во СРМ и СФРЈ. На Петтиот конгрес на КПЈ, одржан во јули 1948 година, бил избран за член на Централниот комитет на КПЈ. Исто така тој е избиран за народен пратеник во сите состави на републичкото и сојузното собрание од 1945 до 1972 година. Од 1963 до 1967 година Колишески е претседател на Сојузниот одбор на ССРНЈ, од 1967 до 1972 година е член на Советот на Федерацијата, а од 1972 до 1984 година – член на Претседателството на СФРЈ. По смртта на Тито во 1980 година, Колишевски, како потпретседател на Претседателството на СФРЈ, автоматски ја презема функцијата претседател на Претседателството, но на таа должност останува само неколку дена. Поради редовната ротација на функциите, веќе на 15 мај 1980 година, должноста претседател на Претседателството ја добива Раиф Диздаревиќ, претставник на Босна и Херцеговина. По падот на комунизмот, пензионираниот Колишевски се повлекол од јавниот живот. По неговата смрт во 2000 година, неговата лична архива од 300.000 страници е предадена во МАНУ и со неа раководи одбор, кој мошне селективно и бавно дозволува пристап до документите на највлијателниот човек на македонска држава во четирите комунистички децении по Втората светска војна.