Денес со мала свеченост и во присуство на Министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, градоначалникот на Општина Кичево Фатмир Дехари, повеќе заменици министри и други личности од градот и републиката, беше ставен камен темелник на нов затворен базен во Кичево, лоциран во кругот на училиштето „Санде Штерјоски“ и детската градинка „Ластовички“.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски истакна дека изградбата на затворен базен во Кичево е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 14 затворени базени ширум републикава со димензии 25 метри должина и девет метри широчина.
– Овие базени ќе помогнат да се стимулираат младите да спортуваа и да имаат се помалку деформитети на рбетот и прекумерна тежин. Новиот базен покрај учениците во попладневните часови ќе им стои на располагање на сите граѓани на Кичево а неговите димензии ќе овозможат организирање и на големи пливачки натпревари во рамките на ЛЕН и ФИНА. Во изградбата на базенот ќе бидат инвестирани 44.000.000 денари и истиот треба да биде завршен за најмогу 18 месеци, но изведувачите на работите ветуваат и предвремена изградба на базенот – рече во своето обраќање директорот Каевски.
Градоначалникот Фатмир Дехари беше презадоволен што и Кичево за прв пат ќе добие затворен базен, кој ќе и служи како на училишната младина така и на останатите граѓани на Кичево.
– За прв пат во нашиот град ќе биде изграден современ пливачки базен во кој ќе бидат инвестирани 44.000.000 денари. Спортот е една од најважните гранки и се надевам дека ќе им служи не само на младите туку и на останатите граѓани на Кичево. Очекувам базенот што поскоро да заврши и ние пак да се собереме тука за негово свечено отворање – истакна Дехари.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека за актуелната Влада се многу важни капиталните проекти, во кои спаѓа и изградбата на 14 затворени базени ширум Републиката.
– Мора да истакнам дека имаме одлична соработка со локалната власт и тоа ни овозможува сите проекти кои ги планира Владата полесно и побрзо да се имплементираат, што ќе овозможи и побрз економски развој и вработување на поголем број невработени лица во општината. Овој нема да биде единствениот проект во Кичево и во блиска иднина планирани и се и други проекти и ако продолжи вака добрата соработка со локалната власт ќе имаме можност да учествуваме на почетокот на изградба и на нови проекти а и вие новинарите ќе бидете сведоци на тие настани – вели Бектеши.
Изведувач и задолжени за изградбата на затворениот пливачки базен во Кичево е компанијата „Енергоинвест Трејд“ од Скопје.