Авион на руските воздухопловни сили ќе учествува во евакуацијата на руските државјани од Кина, што започнува денес, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој прецизираше дека вклучувањето на авионите на вооружените сили во евакуацијата заради коронавирусот го наредил шефот на државата и главниот командант на вооружените сили, Владимир Путин.
Руската амбасада во Пекинг претходно објави дека составува список на луѓе што сакаат да ја напуштат провинцијата Хубеи и главниот град Вухан, епицентарот на епидемијата на коронавирус.
Според официјалните податоци, во регионот на евакуација има 341 руски државјанин, од кои 300 се во Вухан.
Амбасадата соопшти дека контактирала со 186 Руси и дека немало руски државјани меѓу потврдените случаи на коронавирус во Кина.
Во Русија е забележан еден случај на коронавирус кај кинески турист, кој е хоспитализиран и се чувствува подобро. Тој бил откриен во Транс-Бајкалскиот регион и заедно со него биле изолирани две лица кои биле во близок контакт со него.