Вкупната парична награда на СП 2018 е 791 милион долари, од кои 400 милиони се за селекциите врз основа на нивниот пласман, а за првакот се предвидени 38 милиони долари, три милиони повеќе отколку на СП 2014
Репрезентациите што ќе бидат дел од Светското првенство (СП) во фудбал во Русија нема да играат само за престиж, чест и за можноста да го освојат славниот трофеј од 18-каратно злато. Голем предизвик ќе им биде и финансиската награда што следува од Светската фудбалска федерација (ФИФА), во согласност со пласманот на Мундијалот.
Годинава вкупната парична награда на СП ќе изнесува 791 милион долари, од кои 400 милиони ќе бидат распределени на селекциите врз основа на нивниот пласман, а остатокот ќе биде искористен за подготовки, како и компензација за клубовите од кои доаѓаат фудбалерите што ќе играат на СП, секако и фонд за евентуално повредените играчи за време на СП 2018.
Новиот фудбалски шампион ќе инкасира 38 милиони долари, што претставува зголемување од три милиони долари во споредба со Светското првенство во 2014 година во Бразил. Вицепрвакот ќе добие 29 милиони долари, за третопласираната селекција ќе се издвојат 24 милиони долари, а за репрезентацијата на четвртото место 22 милиони. Секако, награди има за сите 32 учеснички, најмалку по осум милиони за тие што ќе играат само во групната фаза, тие што ќе загубат во осминафиналето ќе заработат по 12 милиони, а селекциите што ќе испаднат во четврт-финалето по 16 милиони.
Наградниот фонд на СП 1982 во Шпанија изнесувал 20 милиони долари, на СП во САД 1994 наградниот фонд стигнал до 71 милион, а четири години подоцна првпат беше над 100 милиони долари. На СП во Германија во 2006 година, таа бројка порасна на над 200 (266 милиони) итн.