Ѓоковиќ ќе игра за осмиот трофеј на Австралија опен
Новак Ѓоковиќ е на чекор до одбрана на титулата на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен по триумфот над големиот ривал Роже Федерер во полуфиналето со 7-6, 6-4, 6-3. Ѓоковиќ (32) во првиот сет беше во негатива од 1-4 и 0-40 во шестиот гем, но потоа заигра многу подобро и го доби сетот во тајбрејкот. Ѓоковиќ, кој ја забележа 27-та победа во 50-от меч против Федерер, в недела во осмото финале ќе атакува на осмиот, рекорден трофеј во Мелбурн, и на 17-та гранслем-титула, во дуелот со подобриот од денешниот меч Доминик Тим – Александер Зверев.
Поради коронавирусот е одложено атлетското СП
Светското првенство (СП) во атлетика во сала, кое требаше да се одржи од 13 до 15 март во Нанџинг, Кина е одложено поради опасноста од коронавирусот, соопштија од Светската атлетика (СА). Од коронавирусот што ја зафати Кина досега починаа над 130 лица, повеќе од 6.000 се инфицирани, а во меѓувреме тој се прошири и во 16 други земји во светот. За главно жариште на вирусот се смета градот Вухан, оддалечен 600 км од Нанџинг. Ова СП во сала, најверојатно, ќе се одржи в година, исто така, во Нанџинг.
Ливерпул како казнена експедиција
Ливерпул продолжува да ги меле ривалите во англиската фудбалска Премиер-лига, откако Вест Хем беше совладан на гости со 2-0 што значи дека „црвените“ сезонава ги совладаа сите 19 премиерлигашки екипи, што последен пат им успеало во сезоната 1895/96 во тогашната Втора лига. Ливерпул освои 70 од 72-те можни бода, најбрзо од сите тимови во најсилната конкуренција. На 24-те меча тие прокнижија 23 победи и имаат предност од 19 бода пред Манчестер сити на втората позиција. Црвените и на 41-от меч не претрпеа пораз (36 победи) во Премиер-лигата, што е трета најуспешна серија по серијата на Арсенал од 49 победи (до октомври 2004-та) и на Нотингем форест, 42 (до ноември 1978).
Мугуруза и Кенин првпат во финале во Мелбурн
Шпанката Гарбине Мугуруза е првата нерангирана тенисерка по шест години што ќе игра во финале на гранслем-турнирот Австралија опен. Таа утре ќе се сретне со Американката Софија Кенин. Во полуфиналето Мугуруза, гранслем-шампионка од Ролан Гарос во 2016 година и од Вимблдон во 2017-та, ја елиминира Романката Симона Халеп, ланската победничка на Вимблдон во два сета со 7-6, 7-5. Кенин, пак, приреди изненадување совладувајќи ја првата светска тенисерка, Австралијката Ешли Барти со идентични 7-6 и 7-5 во мечот што се играше на многу топло време на температура од речиси 40 степени.