Шпанскиот автомобилски ветеран Карлос Саинц (Мини) води по третата етапа (од предвидените 12) на 42-то издание на најпознатото рели во светот „Дакар 2020“, кое годинава првпат се вози во Саудиска Арабија. На патеката околу Неом, долга 427 км, Саинц низ целта помина со предност од 3,31 минути пред актуелниот првак Насер Ал-Атијах (Тојота) од Катар и засега има пет минути предност во вкупниот пласман кај автомобилистите. Трет во генералниот пласман е Французинот Стефан Петерхансел (Мини).
Кај мотоциклите славеше Американецот Рики Бребек и во генералниот пласман има предност од 4,43 минути пред второпласираниот Хуан Игнасио Корнехо од Чиле, а трет е Австриецот Матијас Валкнер. Следната етапа на делницата Неом – Ал Ула е во должина од 435 км.
Релито, кое некогаш се викаше Париз-Дакар, а подоцна само Дакар, во повеќе од четири децении доживеа многу промени и се одржуваше на три континенти (Африка, Европа, Јужна Америка).