Доналд Туск ја напушта функцијата на претседател на Европскиот совет по петгодишниот мандат, но уште се соочува со проблемот што го претставува неговиот стар пријател Орбан, кој е сменет од моќта и цинизмот, пишува „Њујорк тајмс“.
Наспроти апелите на Туск, Европската Унија не успеа да покаже солидарност која тој ја бараше, за најважното прашање во изминатите пет години – миграцијата. Ваквата криза ги „хранеше“ идентитетската политика и популизмот во Германија, Унгарија, Италија и во земјата на Туск Полска, а и помогна на Велика Британија на нејзиниот пат за излегување од ЕУ.
Дел од овие држави, особено во Централна Европа ја прифаќаат европската солидарност кога таа е преточена во фондовите од Брисел, но проблемите со мигрантите, границите и исламофобијата беа забележани во домашни рамки.
Конфликтот е особено компликуван, дури и емотивен, со стариот пријател и антикомунистички соборец, унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој сега е уште поголем проблем за Туск.
Полскиот политичар само што почна да ја извршува претседателската функција во Европската народна партија (ЕПП), а неговиот претходник не стори многу за да го смири Орбан, бидејќи сметаше на гласовите на неговата партија Фидеш во Европскиот парламент.
Туск се мачи да изнајде одговор на прашањето што ќе стори со Орбан, бидејќи тој ја виде трансформацијата на Унгарецот од идеалистички антикомунист до авторитарен популист, кој пропагира исламофобија и антисемитизам, гордеејќи се со создавањето на „нелибералната демократија“.
– Имам проблем со Виктор Обран, но исто така и еден приватен, личен проблем. Бидејќи се знаеме многу години и нашето пријателство почна кога тој беше еден од најталентираните и најветувачки либерални демократи во овој дел од Европа, кој им се спротивстави на комунистичките власти во 1989 година. Кога бев претседател на Европскиот совет тој ми беше соработник, и парадоксално, поради нашето старо пријателство бевме лојални еден кон друг. Токму затоа ова е болно за мене, бидејќи го сакам како личност. Знаете, токму затоа мислам дека е циничен, бидејќи е премногу интелигентен за да не разбере што е проблемот – кажа Туск.
Орбан го користи својот мандат за да го смени унгарскиот устав во своја полза, останувајќи голема сила во ЕУ, и воопшто, во популистичката, антибриселска политика. Сега проблемот продре во срцето на идејата на ЕУ за либерална демократија и за заедничките вредности и владеењето на правото.
Туск одбива да каже што ќе стори со Орбан, со што допрва треба да изнесе формален предлог до партијата.
– Можам да препорачам некои решенија. Секако, тоа е проблем, исто така поради дебатата за миграцијата, бидејќи безмалку никој во ЕПП не ска да го казни Обран поради овој контекст – заклучува Туск.