Откако се составени листите со најдобрите во спортот за минатите 12 месеци, сега веќе е поважно што ќе се направи идната година. За сите во спортот, во сениорска или во младинска конкуренција, на 1 јануари сѐ почнува одново во спортската трка, сега за олимписката 2020 година. Новата година не значи само вртење на листовите на календарот, туку може да значи и вртење нов лист. А во престапната година сите и во спортот ќе имаат и еден ден повеќе, за планирање, за работа, за подготовка, за тренинг…, а се надеваме и за славје по освоен по еден трофеј повеќе од минатата година
Во некои земји, со повеќе десетици олимпијци и повеќе претенденти на олимписки медали, за да си ги проценат шансите за медали на летни олимписки игри, често прават едноставна пресметка – ги бројат медалите што ги освоиле олимпијците во предолимписките години на сениорски континентални или светски првенства. Медал во олимписки спорт во предолимписка година од европски или од планетарен шампионат е нешто што во македонскиот спорт во минатото не се случувало често, но оваа предолимписка 2019 година беше поинаква. Така, на пример, во борењето во слободен стил Магомедгаџи Нуров го освои бронзениот медал на сениорското Светско првенство, а медал со ист сјај освои и каратистот Емил Павлов, на континенталниот шампионат.
Згора, со успехот, Нуров обезбеди и норма за настап на Летните олимписки игри в година во Токио, а Павлов, според резултатите, досега е блиску до обезбедување норма за Игрите во главниот град на Јапонија. Кога на тоа ќе се додадат, во истите два спорта, и младински медали од континентални првенства, но и, на пример, во таеквондо…, тогаш според тој принцип за бројот на медали, предолимписката година во олимписките спортови во Македонија може да се оцени како одлична, со иста таква најава за периодот што следува до Летните олимписки игри во Токио, но и за следните Игри во Париз, во 2024 година, затоа што олимпискиот циклус не е само четири години помеѓу две олимписки игри. Во годината што изминува од младите значаен меѓународен резултат направија натпреварувачите и во други поединечни спортови, а во екипните, на пример, кошаркарските кадети беа 12-ти во Европа итн.
Во изминатите речиси 365 дена од 2019 година македонскиот спорт го одбележаа и неколку повратнички моменти. Така, одбојкарите се вратија на одамна заборавените патеки на успехот, фудбалот го врати фокусот кон себе, со најава дека и во најпопуларниот планетарен спорт е можен меѓународен исчекор на македонската репрезентација, кошарката се врати на местото каде што беше пред пет години, во редовни квалификации за европските првенства, беше освоена нова светска титула во далечинско пливање, како и нова европска клупска титула во ракомет, а тука е и враќањето на олимписките патеки со исполнети норми, откако по 12 години е обезбедена А-норма за настап на едни летни олимписки игри. Секако, имаше и неколку стандардни постигнувања, како, на пример, на ракометната репрезентација, која имаше ново учество на светско првенство, обезбеди и нов настап на европски шампионат итн.
Една година може да се смета за спортски уште поуспешна и кога младите спортисти, во конкуренција на своите врсници од континентот или од светот, ќе остварат меѓународни резултати, во европски или во глобални рамки. Со тоа ќе знаеме дека во одреден спорт има широки спортски темели, што е основа за идни сениорски триумфи зад кои ќе стои долгогодишна работа, а не случајност. Експерти по менаџмент за врвни спортски резултати посочуваат дека „до успех понекогаш може да се дојде на среќа или, пак, инцидентно, но до постојан успех се доаѓа само преку менаџирана постапка“ како и тоа дека „успехот мора да се планира, имплементира, следи, проценува, евалуира и повторно да се планира“.
Тоа значи дека ништо од спортскиот пат не смее да му се препушти на случајот. А менаџираната постапка подразбира, меѓу другото, и планирање, развој, организација на сите релевантни ресурси, процеси и функции, обезбедување комуникација и координација, одлучување за спроведување најсоодветни решенија… И така со години, со децении, како што е, на пример, во спортот број еден во Македонија, ракометот.
Откако се составени листите со најдобрите во спортот за минатите 12 месеци, сега веќе е поважно што ќе се направи идната година. За сите во спортот, во сениорска или во младинска конкуренција, на 1 јануари сѐ почнува одново во спортската трка, сега за олимписката 2020 година. Со почетокот на годината на сцена стапуваат нови предизвици, за надградба на досега постигнатото, за исполнување на новогодишните желби, но на оние зад кои стојат многу труд, работа, волја, мотивираност, работливост, индивидуален тренинг, дисциплина…, затоа што секој е ковач на својот успех. „Убаво е да се биде рекордер, но до успехот не се стигнува лесно, потребно е многу напорно да се работи“, изјави неодамна водечкиот светски скијач во моментов, Хенрик Кристоферсен од Норвешка, а тоа е само уште една изјава што ја покажува тежината на патот до секој спортски успех, особено до меѓународниот.
Покрај листата со желби, добро би било паралелно да се сочини и листа со задачи, одлуки, цели… Новата спортска година не значи само вртење на листовите на календарот, туку може да значи и вртење нов лист, со кој ќе се дефинира правецот, посветеноста, ставот… за подобрување на нештата, оти секогаш може подобро. А во престапната година сите и во спортот ќе имаат и еден ден повеќе, за планирање, за работа, за подготовка, за тренинг…, а се надеваме и за славје по освоен по еден трофеј повеќе од минатата година.