Еден дел од цивилното општество е силно идеологизирано и прикриено учествува во политичките борби во Хрватска, сметаат експертите

Во Хрватска функционираат 52 илјади здруженија на граѓани или на секои 75 жители има по едно цивилно здружение. Експертите имаат поделени ставови за предностите или недостатоците од масовното поврзување на граѓаните, ако се има предвид дека задачата на цивилното општество е да ги штити човековите права и слободи, да се грижи за хуманизмот, за социјалната, здравствената, спортската, воспитно-образовната заштита на граѓаните, заштитата на околината, за развој на демократијата и да ги брани правата за поединечни интереси на граѓаните.

Повод за отворање на оваа тема во весникот „Вечерњи лист“ беа сѐ позачестените огласи за хуманитарни акции за болни и изнемоштени лица и за децата од домовите, кои пред новогодишните празници апелираат до граѓаните да донираат понекоја куна. Во Хрватска има многу здруженија што работат добро и се посветени на исполнување на основните цели за кои се формирани. Но има и здруженија што се основани од тројца граѓани, кои гледаат можност да се вработат и притоа да извлечат пари од државниот буџет или од европските фондови. Притоа, е помалку важно дали основачите претходно се занимавале со дејноста за која и го формираат здружението.
Според податоците на Министерството за управа, Хрватска во април годинава имала вкупно 51.767 регистрирани задруги, но само 33.759 се усогласени со статутот во согласност со Законот за здруженија. Бројот на пасивните здруженија изнесува 12.757 и во нив повеќе од осум години не биле одржани годишни собранија. Најмногу граѓански организации се регистрирани во Загреб (12.873), така што во метрополата на секои 62 жители има по едно здружение.

– Некои зборуваат за хиперинфлација на здруженијата во цивилното општество. Не е проблем во квантитетот, туку во квалитетот, односно колку од нив квалитетно работат во подрачјата од цивилното општество, што не се покриваат од владините институции. Невладините организации се составен дел на демократијата. Тие извршуваат вредна работа, која власта не сака или не може да ја извршува. Од друга страна, еден дел од цивилното општество е силно идеологизиран и прикриено учествува во политичките борби внатре во општеството. Тие здруженија дејствуваат како параполитички институции, јасно позиционирани лево или десно. Граѓанските здруженија не би требало да дејствуваат како параполитички или како параразузнавачки организации – вели политикологот Анѓелко Милардовиќ.

За да се види каква е перцепцијата на граѓаните за постоењето на голем број здруженија, во 2009 било направено истражување на национално ниво. Според тоа, 52,4 отсто од граѓаните одговориле дека ниту имаат, ниту немаат доверба кон работата на овие организации. Околу четвртина од граѓаните (26,5 отсто) одговориле дека имаат доверба во граѓанските организации.

Професорот за социјална политика Гојко Бежован, кој е коавтор на книгата „Социјална политика во Хрватска“, смета дека е добро граѓаните да имаат право да основаат здруженија, врз основа на уставното начело за слобода на здружување, а државата треба и да го поттикнува тоа.

– Не смееме да ги доведеме во прашање мотивите и ефектите од здруженијата. Имаме случаи кога државните институции и партиите не се грижат за доброто на граѓаните. Постои фама дека преку цивилните организации се перат пари. Имаме нешто што се нарекува европска социјална политика, а нашите државни тела немаат капацитет да ја спроведуваат таквата европска политика – вели Бежован за „Вечерњи лист“


Најмногубројни спортските и културните здруженија

Денес во Хрватска постојат најмногу спортски здруженија, па потоа следуваат културните, економските и оние што се посветени на социјалната дејност. По војната значително расте бројот на здруженијата на бранителите и на жртвите, поради остварување на специфичните законски права. Здруженијата се финансираат од државниот буџет, фондовите на ЕУ, различни донации и членарини. Со буџетот за наредната година за активностите на граѓанските здруженија се предвидени 320 милиони куни, што претставува пораст од 72 отсто. Во Хрватска постојат и 148 странски здруженија.