Во Србија од почетокот на 2020 година ќе се применува новиот тарифник за извршителите со кој ќе се спречи трошоците за наплата на малите долгови да нараснат над висината на главницата. Со новиот тарифник, определен од Министерството за правосудство на Србија, се предвидува на должникот што ќе го плати долгот во рок од осум дена од приемот на решението за извршување, надоместот за извршување да му се намали за 60 отсто. Во случај на решение за иселување, доколку должникот го направи тоа доброволно во рок од 30 дена, извршителите немаат право на надомест за успешно спроведено извршување.
Исто така, драстично е намален бројот на одлуките што ќе може извршителот да ги наплатува. Од први март следната година стапува во сила и одредбата на Законот за извршување и обезбедување за електронската аукција на недвижен и движен имот, а извршителите ќе немаат право да ја наплатат својата услуга за одржување на електронската продажба. Со новиот ценовник за извршители ќе бидат намалени и трошоците за достава на документи.
Од Нова година работата на извршителите ќе биде под строга контрола, додека положбата на должниците ќе биде „доста поповолна од досега“, најави министерката за правда Нела Кубуровиќ. Новите измени ќе го оневозможат наталожувањето на трошоците за комунални услуги и тие ќе се ограничат до висина до 5.000 евра. Повеќе не ќе може да се продаде единствената недвижност што ја поседува одредено физичко лице.
– Извршителите повеќе не ќе можат да одземаат две третини од платата и пензијата. Извршувањето ќе може да се спроведе само до половина од приходите, а на пензиите до една третина. На минималната пензија извршувањето може да се спроведе само до една десетина од износот. Од извршување се изземени и сите дополнителни финансиски додатоци за трудници и за деца – вели Кубуровиќ.
Министерката најави и применување нов и транспарентен начин на јавна продажба на имотот на должникот, за да се оневозможат можни малверзации со учество на блиски роднини и пријатели на извршителите да учествуваат на јавната продажба, без разлика дали тие постапуваат во конкретен предмет или не.
Со новите законски измени дополнително е разработено начелото на сразмерен надомест со што ќе се спречи продажбата на имотот со висока вредност за да се наплати симболичен долг. Медиумите во Србија го пренесуваат примерот со однесувањето на извршителите, кои се обиделе на една 77-годишна старица да ѝ одземат половина пензија поради неплатена казна за паркинг во висина од 550 динари. Познат е случајот кога на старец од Белград за долг од 13.000 евра му била продадена куќата од 570 квадратни метри за 70 илјади евра. Извршителите за себе зеле 44.000 евра. На друга старица, која должела 500 евра, ѝ биле одземени куќа, плац и лозје во вкупна вредност од 60.000 евра.