Особено ризичен сегмент може да претставуваат дивоградбите. Нивната бројка е огромна и најголем дел беше легализиран и сѐ уште се легализира без да се проверат и испитаат нивната сеизмичка стабилност, статика и квалитет на градба
Приближно на сто и педесетина километри од македонската граница се наоѓа градот Драч, каде што неодамна се случи најсилниот земјотрес што ја погодил Албанија во последните неколку децении, во кој досега бројот на загинати е повеќе од 40 луѓе, а над 650 се повредени. Повеќе од 2.000 жители што ги загубија своите домови се собрани во импровизираниот камп на фудбалскиот стадион во градот. Медиумите информираат дека шаторите на стадионот не се доволни да ги соберат сите, затоа што преплашените жители на Драч сигурноста ја гледаат единствено под отворено небо.
За жал, земјотресот во Албанија не беше единствен во регионот. Податоците објавени на страницата на Евромедитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) покажуваат дека тлото на Балканот не мирува, односно најмалку 15 земјотреси за неколку дена се случија во регионот, од кои најголем број се во Јадранско Море и во Албанија, а се тресело тлото и во Грција, Босна, Хрватска и во Романија. Некои од овие потреси се почувствуваа и во нашата држава. При вакви немили настани, секогаш на прво место се подадената рака на солидарност, сочувствувањето со настраданите и понудената помош од соседите, како што впрочем изреагира и нашата држава.
Македонија испрати во Албанија голем број стручни тимови за спасување на преживеаните во урнатините и специјализирани дронови со термални камери за пребарување на урнатините, а му понуди и финансиска помош на нашиот сосед.
Тоа е добар пример на возвратена помош и подадена рака кон сосед, бидејќи
слична трагедија го погоди Скопје, на 26 јули 1963 година, а тогаш целиот свет беше ангажиран.
Но она што секоја држава сама треба да го направи превентивно за да се ублажат последиците од природните непогоди, како што се земјотресите, е ригорозна контрола во сите нивоа на градежништвото и сеизмичко градење.
Многу често во јавноста се пласираат информации дека во минатите години се случува градежна експанзија, каде што секојдневно никнуваат многу згради на мала површина и со голема динамика се надградуваат веќе постојните згради и куќи. Понекогаш тие надградби и доградби може да бидат и некоординирани, во приватна режија и со тенденција да се помине со помалку пари.
Особено ризичен сегмент може да претставуваат дивоградбите. Нивната бројка е огромна, а најголем дел беше легализиран и сѐ уште се легализираат без да се проверат и испитаат нивната сеизмичка стабилност, статика и квалитет на градба. Веројатно кога станува збор за дивоградбите има и такви што се прописно направени, со сите запазени параметри, но со оглед на тоа што овие градби беа третирани како социјална категорија, сосема е основана и загриженоста за нивната стабилност и сигурност. Зашто, колку што е важно дивоградбите да влезат во правниот промет и да се плаќаат данок и давачки на државата, исто толкава е и важноста тие да бидат безбедни за живеење. Во таа насока, во некои идни времиња веројатно треба да се испита или да се задолжат сопствениците да ги проверат и тестираат сеизмичките карактеристики на своите легализирани дивоградби.
Истовремено, последните години се добива впечаток како градот да се шири анархично и неконтролирано.
Ваквата профитерска логика на домувачките бизниси не само што изгради цели населби без минимални стандарди за здраво социјално живеалиште за жителите што живеат во нив туку ги уништи и дотогаш постојните капацитети на градот и неговите населбите за нормален урбан простор.
Најверојатно токму поради овие состојби Скопје денес вирее под црна прекривка на смогот, што прави да биде еден од најзагадените градови на континентот. Бурлеската во секојдневното градење и уништување на заштитните појаси ја јаде и планината Водно и ги уништува сите зелени површини во градот.
Во меѓувреме, добро упатените велат дека законите во земјава пропишуваат строги стандарди за сеизмичка заштита при градење, но во Македонија постои и значителен процент на изградени објекти надвор од законскиот систем на градење т.н. дивоградби, кои не се во мал процент, а за кои не може да се гарантира безбедноста од земјотреси, односно дека при нивната изградба била извршена соодветна сеизмичка заштита.
Токму овие објекти го носат најголемиот ризик во иднина.
Освен дивоградбите, со молскавична брзина, која е тешко практично да се следи, се легализираат илјадници доградби и надградби во Скопје и градовите низ државата и во јавноста се добива впечаток дека е непознато дали сите овие градби имаат реален сеизмолошки сертификат за безбедност од земјотреси.
Сепак, на крајот од денот, сликата за овие состојби не е толку црна, бидејќи врз оние објекти што се градат според прописите, законот за градење предвидува строги контроли, кои се однесуваат на правни и физички лица. Затоа, кога станува збор за објекти што се изградени или се во градба од страна на реномирани градежни фирми во државата, граѓаните немаат причина за стравување.
Прво, проектантот по статика е одговорен за стабилноста на самиот објект, потоа на тоа има ревидент што го проверува проектот и исто така одговара за неговата стабилност и на крајот сето тоа оди во ИЗИИС, каде што треба да се добие мислење за сеизмичката стабилност на објектот, а дури потоа се аплицира за градежна дозвола. Дополнително, законската процедура предвидува за време на градбата ИЗИИС уште еднаш да излезе на терен да провери дали во одреден објект навистина се гради во согласност со проектот, а постојат надзорници на проектот што ги потпишуваат сите градежни книги и гарантираат дека се гради според проектот. Кога сите би се придржувале до овие прописи, како што прават реномираните градежни компании со долгогодишно искуство и знаење, би било многу подобро.