И другите земји имаат свои интереси на Балканот, не само Русија, изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, за Бугарската национална телевизија.
Каракачанов ја коментираше забелешката на водителката дека Бугарија и САД излегле со заедничка изјава во борбата против, како што рекоа, злонамерното влијание, алудирајќи на руското влијание.
– А зошто го доживувате тоа само како руско влијание на Балканот? Знаете дека Балканот е регион во кој се судираат интересите на многу земји. Од една страна, Русија го смета Балканот за традиционално поле на сопствените интереси веќе 200-300 години, но покрај руското влијание, знаете и за другите обиди да се влијае на Балканот – посочи тој.
Според Каракачанов, еден од инструментите на влијание врз другите земји е религијата.
– Не зборуваме само за соседните земји, туку и за подалечните кои сметаат дека религијата, а во конкретниот случај исламот, е политички инструмент на Балканот. И сами гледате дека стотина муџахедини, припадници на Исламска држава, се враќаат во поедини земји на Балканот. Зарем тие не се под влијание на други земји? Зарем тие не претставуваат фактор на дестабилизација на Балканот? – истакна тој.
Каракачанов додаде дека координацискиот центар во Варна за кој разговараа бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на САД, Доналд Трамп, не треба да се смета за воена база. Тој посочи дека уште во 2014 година се зборувало за формирање таков логистички центар на Балканот.
– Координацискиот центар не претставува воена база како што тврдат некои што се обидуваат да ја заплашат јавноста. Тоа беше прашање на престиж – која НАТО-држава во црноморскиот регион ќе биде избрана за формирање таков центар: Романија, Бугарија или Турција – објасни Каракачанов.