Наша цел е јакнење на свеста и сензибилизација на граѓаните за прифаќање на лицата со хендикеп во своето непосредно и секојдневно опкружување, вели извршната директорка Гордана Симоновска Момироска
Со свечена програма, денеска, во 11 часот, во Македонскиот народен театар во Скопје, почнува шестото издание на меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска“, чиј покровител е претседателот Стево Пендаровски, кој ќе ги поздрави присутните. Организаторот на фестивалот е здружението на граѓани „Различни а еднакви“, кое дејствува на полето на театарот и успешно анимира, подготвува, но и поттикнува на подготовка драмски дела и музичко-драмски перформанси. Веќе шест години овој фестивал успешно ја гради својата традиција, а во однос на обемноста, организациската специфичност и содржина, тој е единствен на Балканот.
– Фестивалскиот тим на „Различни а еднакви“ има богато искуство во соработка со инвалидни лица по разни основи, но со поставувањето на сцена на овој инклузивен фестивал целосно се посвети на негување на неговата мисија, затоа што „Игри без маска“ е бисер на различности дојдени од целиот Балкан и пошироко. Учесниците освен што настапуваат, другаруваат, се запознаваат, се почитуваат и ја негуваат театарската магија без дискриминација. Наша цел е јакнење на свеста и сензибилизација на граѓаните за прифаќање на лицата со хендикеп во своето непосредно и секојдневно опкружување – вели извршната директорка Гордана Симоновска Момироска.
За квалитетот на претставите е задолжена Снежана Конеска-Руси, уметничка директорка на фестивалот.
Во рамките на фестивалската програма, денеска, по свеченото отворање, присутните ќе можат да ја погледнат претставата „Ах љубов“, во која учествуваат: Марија Јанчевска, танцовите групи „Реверанс“ и „Апстракт“ и штитеници на заводот „Бања Банско“ од Струмица. Специјален гостин е Велислав Велчев од Софија.
Потоа следува претставата „Куме, ти изгоре ќесето“, што ја подготви ПСУ „Св. Наум Охридски“ од Скопје, а гости се: музичката група од „Димитар Влахов“, танчарската група „Реверанс“, Марија Јанчевска, Игор Постолов и професионалните глумци, Бранко Бенинов и Дејан Лилиќ.
Во 13 часот настапуваат гостите од Тузла, БиХ, со претставата „Љубовта нема граници“, па следува точка со танц на група глувонеми лица од Ресурсниот центар во Призрен, Косово, гостите од Белград, Србија, кои ќе ја изведат претставата „Помен за 21 хромозом“, а на крајот претставата „Јас сум јас“ ќе ја прикажат членовите на „3К сцена“ од Гостивар.
Програмата продолжува утре, кога со почеток во 10 часот ученици од „ПП Арсов“ и „Лазо Трповски“ на малата сцена ќе ја одиграат претставата „Преку ѕидот“, а по нив деца од Јагодина, Србија, од Домот за лица со оштетен слух, ќе ја изведат пиесата „Сами“. „Алиса во земјата на чудата“ ќе ја играат ученици од ООУ „Х.Узунов“ од селото Другово, Кичево, исто така на малата сцена, а во 13 ч. со „Магија на доброто“ настапува училиште до Софија, Бугарија. Утрешниот натпреварувачки ден ќе се заокружи со настапот на членови на специјално училиште од Клуж, Романија, кои ќе ја изведат претставата „Ние сме светлина“.
Свеченото затворање на фестивалот е в среда во 12 часот, кога ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, најдобри актер/актерка и најдобар ментор. И годинава водителки ќе бидат Ирена Спировска и Татијана Стојановска. Фестивалот е поддржан и од Министерството за култура.