Финансиска истрага за судиите кои вечерва ја пуштија поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во домашен притвор. Ова го најави обвинителката Вилма Русковска откако Апелациониот суд го прифати барањето на Јанева.
– Не знам кои се судиите. Чекам да го добијам решението, но ќе покренам финансиска истрага – изјави Русковска, не криејќи дека не е задоволна од оваа одлука.
Јанева во истражниот затвор во Шуто Оризари беше од 21 август годинава кога беше уапсена како второосомничена за случајот „Рекет“, а денес беше префрлена во домашен притвор во станот на нејзиниот син.
На Јанева ѝ е одземен пасошот, а државата нема да смее да ја напушти ниту со лична карта.
Првото рочиште за „Рекет“ е закажано за 3 декември.