Пешачката површина пред објектот на главната Пошта во центарот на градот од денеска има нов лик, изградена е нова велосипедска патека, поставени се клупи и канти за отпадоци, како и жардиниери со ниско украсно зеленило со сопствен систем за наводнување.
-Градот Скопје преку ЈП „Паркови и зеленило“ и другите јавни претпријатија работи на ослободување на јавниот простор за потребите на пешаците и на велосипедистите, но и на уредување на зеленилото во нашиот град. Се наоѓаме на место каде што минатата година засадивме 16 јавори со систем капка по капка за да ги заштитиме овие дрвја. Оваа година ја изработивме оваа прекрасна жардиниера која ќе го одвојува движењето на пешаците и велосипедистите од преостанатиот сообраќај, а движењето на овој дел ќе го направи попријатно и за едните и за другите. Намерно ги оставивме плочките на кои се обележани паркинг-места со цел граѓаните да ја видат и да ја сфатат разликата од минатото и сега. Порано на јавните простори се паркираа возила, а сега јавните простори ги користиме за тоа за што се наменети – за пешаците и за велосипедистите. Истата слика ја имаме овде во близина, наспроти Соборната црква и во делот кај Тинекс, каде што беше паркиралиште. Ни останува овој потег кај Градски ѕид, којшто во наредниот период ќе го ослободиме од возила и ќе го уредиме во сличен стил – изјави градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека Градот Скопје го стимулира алтернативниот начин на транспорт на граѓаните – велосипедизмот, пешачењето и електричните тротинети за да покаже дека ваквиот начин на транспорт е поедноставен, полесен и подобар за движење низ урбаната средина.
-Градот Скопје тука нема да застане, ова е почеток на она што ние го нарековме „микро 20“, односно годинава очекувам да уредиме 20 локации. Мислам дека е видлива разликата како порано беше третирано зеленилото и како беше запуштано откако ќе беше поставено на некоја локација. Скопје загуби 70 проценти од зеленилото во Малиот ринг во лудилото на проектот „Скопје 2014“. Имаме обврска него да го надоместиме и секојдневно работиме на тоа – нагласи Шилегов.