Полицијата во Хонг Конг употреби солзавец и гумени куршуми за да приведе стотици антивладини демонстранти кои се обидоа да излезат од универзитетскиот кампус. Десетици демонстранти се обидоа да избегаат од кампусот по ноќта полна со насилство во полуавтономната кинеска територија, откако беа блокирани поголемите патишта, еден мост беше запален и еден полицаец беше погоден со стрела. Триесет и осум лица се повредени, соопшти Градскиот здравствен оддел.
„Ројтерс“ цитираше сведоци дека некои демонстранти имале изгореници од хемикалии од водените топови, испукани од полицијата. Како што објави локалниот РТК, многу луѓе биле уапсени во близина на Универзитетот додека активисти запреле сообраќај во блиската трговска област „Натан Роуд“ и ги принудиле сопствениците да ги затворат трговските центри и продавници.
Полицијата ги повика сите барикадирани студенти на Политехничкиот универзитет да го предадат оружјето и другите опасни предмети, да ги отстранат гасните маски и да го напуштат кампусот мирно.
Полицијата вчера ги опколи демонстрантите во обид да ги спречи да го напуштат големиот универзитетски комплекс и да ги ослободат околните улици по дводневна блокада. Стотици демонстранти во текот на целиот ден се бореа со полициските водени топови и оклопните возила низ целиот Политехнички универзитет.
Еден полицаец во Хонг Конг беше застрелан во неделата кога полицијата употреби солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои го окупираат кампусот на универзитетот.
Фотографиите, објавени на полициската страница на Фејсбук, покажуваат дека стрела удрила во полицискиот службеник во долниот дел на ногата, а полицијата соопшти дека е пренесен во болница. Политехничкиот универзитет во Хонг Конг е еден од бројните универзитетски кампуси, кои во последните неколку недели се користеа како место за собирање на демонстрантите. Полицијата го прогласи кампусот за „место на нереди“, што значи дека на насилниците им се заканува казна затвор до 10 години. Се проценува дека на кампусот се забарикадирани околу 800 демонстранти.