Социјалистичката партија на премиерот Педро Санчез оствари победа на парламентарните избори во Шпанија. Социјалистите, според изборните резултати, освоија најмногу места во парламентот, 120 од 350, што сепак не е доволно за формирање влада. Затоа, по сѐ изгледа, Шпанија повторно ја очекуваат повеќе месеци на политичка неизвесност, која само дополнително ќе ја искомплицира веќе хаотичната ситуација во земјата. Покрај тоа, победата на социјалистите е засената од брзиот подем на младата крајно десничарската партија Вокс, како и од протестите во Каталонија.
Резултатите од гласањето покажуваат дека Вокс двојно го зголеми бројот на местата во парламентот, станувајќи трета најголема партија во Шпанија, благодарение на кампањата за построги имиграциски закони, како и борбата против каталонскиот национализам.
Со ваквиот резултат, Санчез останува единствениот можен кандидат за премиер, но неговите шанси за формирање функционална коалиција се помали во споредба со претходните избори. Тој најверојатно ќе мора или да смета на некој вид договор со конзервативците или на поддршката од крајната левица Унидас Подемос – која загуби седум пратенички места и сега има 35 – или од партиите за независност на Каталонија.
Сепак, тој најави дека веднаш ќе почне да работи на составување нова прогресивна влада предводена од Социјалистичката партија.
– Ги повикуваме сите партии, освен оние што се исклучуваат од соживотот и сеат говор на омраза и антидемократија – порача Санчез.
Шпанија е една од трите земји-членки на НАТО што допрва треба да го ратификуваа членството на Македонија во Алијансата, па затоа, евентуалното одолжување на составувањето ново владејачко мнозинство може да го одложи овој процес.