Градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари имаше отчет за сработеното во изминатите шест месеци и ги најави проектите кои треба да се реализираат до крајот на неговиот втор мандат, пред голем број присутни членови на партијата и граѓани, на градскиот плоштад во Кичево.
Тој истакна дека во изминатиот период во Кичево и село Зајас променети се водоводните цевки со нови ПВЦ еколошки цевки во должина од осум километри, а во идниот период ќе продолжи ревитализацијата на водоводот со целосна промена на старите метални и азбестни цевки со еколошки цевки. Дехари најави и отворање на новата пречистителна станица која и официјално ќе биде ставена во употреба на 20 јуни и ќе биде прв ваков објект изграден во земјава.
Тој најави и изградба на три капацитети во индустриската зона Иванидол, каде ќе биде изграден објект за производство на пелети, а во трите капацитети ќе се вработат 1.000 невработени лица. На прашање на присутните дали ќе го помага и спортот, Дехари одговори дека и спортот е дел од обврските на оваа општинска власт и во рамките на финансиските можности ќе помогне за развој на спортот и негово унапредување. З.А.