Нема алтернатива за членството во Европска Унија и земјите од Западен Балкан треба да одржат самит на кој ќе се отфрлат идеите за алтернативи за евроинтеграцијата, порача викендов од Тирана претседателот Стево Пендаровски.
Тој рече дека вчерашната средба со албанскиот колега Илир Мета се одвивала во вонредни услови, откако пред една недела двете земји не ги почнаа преговорите со ЕУ и нагласи дека, и покрај тоа, „единствен пат е членството во ЕУ, а секоја друга идеја е неприфатлива“.
Пендаровски на средбата со Мета предложи земјите од Западен Балкан да одржат вонреден самит, на кој би се зборувало за проширувањето на ЕУ и за добрососедските односи и на кој би се отфрлиле сите алтернативи на евроинтеграцијата. Доколку има согласност за тоа, домаќин на самитот би била Македонија.