За саморегулацијата се борат медиумските професионалци за да се одржи дијалогот со јавноста. Процесот, според нив, односно етаблирирањето на саморегулацијата е долг, но резултатите од него се поквалитетно новинарство, заштитен интегритет на медиумите, квалитетни информации за граѓаните, ослободување на влијанијата од центрите на моќ и заштита на слободата на изразување. Ова меѓу другото беше посочено на денешната дебата СЕММ во Прилеп.

Според СЕММ примарна одговорност на новинарството е да создава и одржува критичка јавност и да се придржува до стандардите на професионалност. Најголемите нарушувања на Кодексот на новинари, регистрирани од Комисијата за жалби при СЕММ, се поврзани со недоволната проверка на информациите, односно отсуството на различни извори на информации, мешањето факти и мислења, вести со коментари, нарушување на приватноста и дискриминацијата по различни основи.

Денешната дебата беше организирана во рамки на Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан“, а се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на други партнерски организации.

К.М.