Четири члена од исто семејство во неделата се удавиле лизгајќи се во водата во обидот да направат селфи-фотографија на брана во Индија, објави Си-ен-ен.
Дваесетгодишната Ви Ниведа починала заедно со Снаха (22), Канига (20), и Сантош (14), кои биле членови на нејзиното семејство. Сантош прв се лизнал во водата, соопшти локалната полиција во сојузната држава Тамил Наду.
Сопругот на Ниведа, Џи Пермалсами (25), преживеал и успеал да ја спаси својата 15-годишна сестра Јоварани Пермалсами.
Инцидентот се случил на браната Памбар во јужната држава.
– Тие сакаа да направат селфи на ова место на браната и се лизнаа. Нивото на водата се зголеми додека беа таму – изјавил за Си-ен-ен висок полициски службеник од округот Кришнагири.
Телата на починатите биле извадени од водата набрзо по несреќата.
Според истражување направено минатата година, Индија бележи најголем број на смртни случаи поврзани со правењето селфи-фотографии во однос на која било друга земја во светот.