Во мечот од 10 партии, таа ја совлада поранешната шампионка, сонародничката Тан Жонгуи со 5,5-4,5
Кинеската шахистка, велемајсторката (ВМ) Ју Венјун (рејтинг-поени 2.571, рангирана втора во светот), е новата светска првенка, 17-та по ред, шеста од оваа држава. Во мечот од 10 партии, таа ја совлада сега веќе поранешната шампионка, сонародничката Тан Жонгуи (2.552, рангирана 19-та), со 5,5-4,5 поени.
Венјун (27) ги доби втората, третата и петтата партија, а ги загуби четвртата и шестата. Пет партии се играа во Шангај (роден град на Ју Венјун), а другите пет во Чонгкинг (родниот град на Тан Жонгуи). Венјун на тој начин им се приклучи на сонародничките Кси Јун, Жу Чен, Ху Јухуа, Хoу Јифан и Тан Жонгуи, кои исто така беа светски шампионки.
Последната 10-та партија помеѓу Жонгуи и Венјун заврши со реми во 70-от потег, иако претендентката во еден момент имаше и добиена позиција со бели фигури. Но не победи, можеби затоа што сакаше да игра без ризик, а Жонгуи мораше да освои цел поен.
Но Венјун може да биде шампионка мошне краток период. Имено, овој меч се одржа подоцна од првично закажаниот, а следниот, ноемвриски меч ќе се игра по нокаут-систем, така што Венјун, како и сите други, ќе почне во првиот од предвидените седум елиминациски круга, па е можно нејзиното владеење како светска шампионка да биде краткотрајно.
Венјун е родена на 31 јануари 1991 година, а ВМ е од 2014 година. Највисокиот рејтинг (2.604), го достигнала во март 2017 година. Шампионка е на Кина за 2008, 2010, 2012, 2015 и 2017 година. Има репрезентативно злато од Шаховската олимпијада (ШО) во 2016, од екипното СП во 2009 и 2011, злато од Азиските игри во 2010, како и од Азискиот куп во 2012, 2014 и во 2016 година.