Македонија ќе гостува кај Турција на 22 и на 23 октомври, а потоа во Скопје ќе игра
со Грузија на 26 и на 27 октомври
Селекциите на Турција и на Грузија ќе ѝ бидат противници на македонската машка ракометна репрезентација за време на претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од 21 до 27 октомври. За избраниците на селекторот Данило Брестовац ова ќе биде прва фаза од подготовките за настап на Европското првенство в година, што во јануари ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Двомечот со Турција (22 и 23 октомври) ќе се игра на гостински терен, а двата меча со Грузија (26 и 27 октомври) ќе се играат во Скопје. На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната фаза ќе се сретне со Чешка, Австрија и со Украина.
Македонската кадетска репрезентација, пак, идниот викенд ќе настапи на Балканскиот шампионат во Бугарија. Ова ќе биде втор собир на оваа генерација, која во април годинава под водство на Андријана Будимир и Дарко Петровски настапи на турнир во Унгарија. Сега селекцијата ќе ја предводи селекторот на сениорите Брестовац. На турнирот ќе настапат и репрезентациите на Турција, Црна Гора и на Косово. Овој турнир ќе биде првиот филтер за формирањето на селекцијата што в година во Скопје ќе биде домаќин на кадетскиот Европски шампионат, дивизија Б, на кој четврти пат ќе се брка пласман во елитата, на Европското првенство.
На списокот на Брестовац се Давид Ацевски, Теодор Тодески, Иван Андревски, Кристијан Ташевски (Металург), Михајло Костовски, Емилијан Ѓоргоски, Божидар Илиевски, Борче Христоски (КЛ 7), Велимир Грујоски, Давид Ставрески, Симон Калајџиски (Вардар), Едвин Омерагиќ, Марко Митев, Стефан Стојчевиќ (Аеродром), Матеј Ивановски, Петар Атанасијевиќ (Алушовски), Христијан Митревски (Пелистер), Михаил Ивановски (Охрид) и Ѓорѓи Ташев (Прилеп).