За триесетина дена ќе се знае точно на што сме околу евентуалната кандидатура за ЕП. Она што сега треба да се искористи по завршувањето на ЕП 2019 е што поголема популаризација на одбојката во Македонија, поголема соработка меѓу клубовите, но и работа со помладите категории, вели Карановиќ, генерален секретар на ОФМ

Освоеното 17-то место на Македонија на Европското првенство (ЕП) во одбојка, како и моментното дваесет и прво на ранг-листата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), е историски успех по дебито на Македонија на ЕП. Овој циклус од две години е успешен. Честитки до Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), целиот стручен штаб и играчите. Квалификациите за следното ЕП се во август и во септември в година, а знам дека можеме да бидеме подобри од 17-то место на ЕП и 21-то во Европа. Нова идеја е пласман на СП 2022 во Русија, зошто да не, а ЕП 2023 да се игра во Македонија. Тоа е сонот на оваа генерација, пишува најдобриот македонски одбојкар, капитенот на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев на својот фејсбук-профил.

Квалитетниот деби-настап на ЕП, прикажаната игра, борбеноста и единството на играчите, победата над вицепрвакот Словенија, завршниот пласман и моменталното рангирање само влеваат надеж дека македонската одбојка се движи во посакуваниот правец. Тоа е момент што мора да се материјализира на сите полиња. Со таков став е и генералниот секретар на ОФМ Зоран Карановиќ.

– Секако дека сум позитивно изненаден, постигнавме голем успех, со оглед на фактот што настапивме како дебитанти, но и почнавме со три порази во низа. Победен беше европскиот вицепрвак на негов терен, бевме блиску до пласман во осминафиналето, но во иднина не треба да дозволиме пласманот да ни зависи од други репрезентации. Добриот впечаток со настапот и со играчкиот потенцијал на теренот, секако дека остана позитивно забележан во очите на ЦЕВ. Во Париз, на конгресот на ЦЕВ, меѓу другите, остваривме средба и со претседателот на Европскиот олимписки комитет, Јанез Коцијанчич, од кого добивме мошне пофални зборови за нашиот настап, а разговаравме и за најсуштинските прашања – вели Карановиќ.

И за него, како и за Ѓоргиев, идејата Македонија да биде еден од домаќините на следното ЕП е посакувана опција.

– Се размислува и на тоа, како и за настап во Европската лига, уште повеќе што следната година е и олимписка. Сметам дека за триесетина дена ќе се знае точно на што сме околу евентуалната кандидатура за домаќин на ЕП, откако претходно ќе се направат разговори со челниците на Агенцијата за млади и за спорт, Владата, како и да се заокружи потребниот буџет за ваква значајна манифестација, оти европските стандарди за вакво нешто се мошне високи, но од друга страна и мошне афирмативни за Македонија како држава. Она што сега треба да се искористи по завршувањето на ЕП е што поголема популаризација на одбојката во Македонија, поголема соработка меѓу клубовите, но и работа со помладите категории, со оглед на тоа што поголемиот дел од сегашните репрезентативци се во зенитот на својата кариера – вели Карановиќ.
ЦЕВ уште не го одредил домаќинот на ЕП за мажи, а ЕП за жени во 2021 година, според информациите, ќе се игра во четири земји од соседството – Србија, Грција, Бугарија и Романија.


„Најдобро организирано ЕП досега, судиски грешки на минимум..“

Европското првенство беше едно од најдобро организираните досега. Видовме дека дури и ТВ-преносите почнуваа многу порано со самото пристигнување на репрезентациите пред салата, потоа имаше и кадри од соблекувалните, со што го збогатуваа впечатокот кај гледачите. Видовме квалитетна одбрана, без која денес не може да се игра. Ние немавме високи одбојкари, посебно во средниот ред, но токму со играта во одбраната ги анулиравме пројавените слабости. Доминираше брза игра, со многу напади од втората линија. Судењето беше коректно, а со помош на т.н. челинџ, судиските грешки, во споредба со другите спортови, се сведоа на минимум, вели генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ. 

[email protected]