Спринтерката од Јамајка е девојката со најмногу медали од големите приредби – има 16 златни медали на ЛОИ и од СП на 100 и на 200 метри и во штафетата 4×100 метри. Таа во финалето на 100 м на СП 2019 победи со 10,71 секунди, што е петти резултат на сите времиња во светот

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Третиот ден од Светското првенство во атлетика во Доха ќе се памети по дебаклот на две олимписки шампионки. Иако беа меѓу фаворитките, олимписките победнички од Рио во 2016 година, Американката Илајн Томпсон и Гркинката Екатерина Стефаниди не успеаја да стигнат до златниот медал.

Додека за Стефаниди во скок со стап третото место може да биде некаква утеха, тогаш за Томпсон може да се каже дека четвртото место на 100 метри беше повеќе од разочарувачки пласман. Затоа, пак, старата добра и симпатична, со секогаш нова боја на долгата коса, понекогаш и со венче на главата – Шели Ен Фрејзер Прајс од Јамајка покажа дека она што беше Усеин Болт кај мажите, тоа е таа кај жените. Прајс победи на најкратката патека и така му се придружи на Колеман, кој еден ден пред неа покажа дека е најбрз човек на планетата.

– Па, што очекувавте, да загубам или шансите ѝ дававте на Британката Ешер Смит. Заборавивте дека сум јас сѐ уште тука – со насмевка во стилот на нејзиниот сонародник Болт, на шега им се обрати Прајс на новинарите.

По оваа изјава одекна аплауз и веднаш почна броењето на медалите што досега светнале на градите на Прајс. Кога ќе почне таа процедура на броење ќе излезе следниот податок: Прајс има дури 16 златни медали на летни олимписки игри (ЛОИ) и од светските првенства на 100 и на 200 метри и во штафетата 4×100 метри. Од нив шест се освоени на ЛОИ, а десет на СП. Инаку, само во трката на 100 метри триумфира на СП во Берлин, Москва, Пекинг и тука во Доха, а на ЛОИ беше прва на сто метри уште во Пекинг во 2008-та и во Лондон во 2012 година. Треба уште многу простор да се бележат медалите и од континенталните првенства, потоа од Игрите на Комонвелтот, универзијадите. Ќе излезе дека Прајс навистина е најголемиот колекционер на медали освоени во спринтерските трки.

Во прексиноќешното финале уште од стартот стана јасно дека 32-годишната Прајс, која со 152 см беше најниската финалистка, ќе триумфира. Таа со брзи чекори иташе кон целта низ која помина прва, постигнувајќи време од 10,71 секунди, што е петти резултат во светот на сите времиња и за една стотинка послаб од нејзиното најдобро постигнување. Во финишот Британката, инаку европска првенка, Смит, се обиде да ја нападне, но не успеа и втора помина низ целта (10,83 секунди). Третото место (10,9 секунди) ѝ припадна на Мари Жозе Та Лу од Брегот на Слоновата Коска, што не е изненадување, оти таа неколку години е во врвот на женскиот спринт. Разочарувачки пласман имаше олимписката шампионка од Рио, Американката Томпсон, која остана со празни раце и беше дури четврта.


Денеска стартува и Стојоски

Единствениот учесник на Светското првенство во атлетика од Македонија Јован Стојоски, кој својата кариера почна да ја гради во Белград, под палката на покојниот Исмаил Мачев, ќе стартува денеска во прелиминарните трки на 400 метри, со почеток во 15.35 часот. Стојоски годинава имаше успешен настап на Европското првенство за атлетичари до 23 години, кога на 400 метри се пласира во финалната трка. Неговиот најдобар резултат е 46,92 секунди, па се очекува тој да биде вистинскиот наследник на Мачев, кој и понатаму е рекордер на Македонија со 45,83 секунди од 1987 година. Мачев беше и учесник на СП во Токио во 1991 година, кога со југословенската штафета 4×400 метри за влакно го загуби бронзениот медал и беше четврти. Сега, дојде време ученикот да ги напаѓа резултатите на учителот. Доколку успее во тоа, а со оглед на неговиот квалитет, нема сомнение дека може да успее, тоа ќе биде добро и за него и за македонската атлетика.