Според податоците на УЕФА, шпанскиот клуб 38 години не загубил трипати во низа во Европа. Од другите дуели денеска, во 2. коло на ЛШ Баерн сака да ја продолжи серијата во Лондон (четири победи на претходните пет меча)

Реал Мадрид не загубил трипати по ред во Европа од 1981 година, а во денешниот меч во 2. коло на Лигата на шампионите игра дома со Клуб Бриж (од 18.55 часот), по поразот со 0-3 во Париз од ПСЖ во 1. коло сезонава и поразот дома при елиминацијата лани од Ајакс со 1-4, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.

Шпанскиот гигант загуби со три гола на претходните два натпревари дома во ЛШ (од Ајакс во осминафиналето и од ЦСКА во групната фаза со 0-3), а загуби од Клуб Бриж во единствената меѓусебна средба досега во Европа, со вкупен резултат 0-2, во осминафиналето на Купот на шампионите во сезоната 1976/1977.

Тотенхем го совладаа Баерн со вкупен резултат 2-1 на патот кон освојување на трофејот во тогашниот Куп на УЕФА во сезоната 1983/1984, а во денешниот дуел дома (од 21 часот) ќе се обиде да ја расипе серијата на Баерн од четири победи на претходните пет натпревари во Лондон.

Од 18.55 часот денеска играат и Аталанта – Шахтер, а сите други средби од групите А, Б, Ц и Д се од 21 часот.

Европскиот првак Ливерпул, пак, утре го пречекува најефикасниот тим по првото коло, Салцбург, по поразот на гости кај Наполи. Ливерпул лани ја помина групната фаза со три порази на гости, но и со три победи дома, каде што нема пораз на претходните 22 меча во Европа (16 победи и шест ремија). Ерлинг Халанд постигна хет-трик во победата на Салцбург со 6-2 во 1. коло на ЛШ сезонава.