Неколку компани во Македонија, во договор со Министерството за образование, се обврзале дека ќе инвестираат во училишните простории на некои средни училишта, со што ќе ги подобрат условите за учење за средношколците, а на средношколците штом ќе завршат ќе им понудат да ги вработат со плата што е многу повисока од минималната
Ќе почнат ли македонските компании да ги преземаат работите во свои раце, особено во поглед на решавање на прашањето за квалификациите на своите вработени. Со години компаниите се жалат дека не можат да најдат стручен кадар, дека има недостиг од одредени струки и дека нема интерес од младите да работат во тие струки.
Сепак, неколку компании во Македонија, од кои некои се странска инвестиција, веќе презеле мерки да ја дополнат таа празнина. Во договор со Министерството за образование се обврзале дека ќе инвестираат во училишните простории на некои средни училишта, со што ќе ги подобрат условите за учење за средношколците, и ќе им понудат штом ќе завршат да ги вработат со плата што е многу повисока од минималната. Иако овие десетина примери се за пофалба, сепак, ако направиме споредба меѓу 72-те илјади компании, колку што се регистрирани во земјава, и вкупно десетината договори меѓу компании и средни училишта, оваа бројка е речиси занемарлива.
Навистина, секоја чест на фирмите што се обврзале на вакви договори, не само што им нудат поволни услови за вработување на младите туку истовремено овозможуваат тие да ги совладаат наставните програми и да стекнат искуство на терен, кое потоа во текот на работата ќе им биде од големо значење. Ова е на некој начин добитна комбинација за сите, и за средните училишта, кои добиваат и посовремени и посоодветни услови за учење на учениците, и за учениците, кои стекнуваат квалитетно знаење, но и за самите компании, кои на овој начин добиваат добро обучен кадар.
Токму поради ова и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, минатата недела ги советуваше компаниите дека е дојдено време да ги преземат работите во свои раце, односно да започнат сами да инвестираат во знаењето на младите, како во наставната програма, така и во практичната настава. Тој, меѓу другото, истакна дека ова како модел веќе се применува низ Словенија и други високоразивени земји, додавајќи дека колегите од Словенија посочиле дека немаат недостиг од работна сила, токму поради фактот што сами инвестираат во средното образование. Азески исто така потсети дека во минатото и во Македонија било вообичаено учениците од средните стручни училишта да посетуваат практика во компаниите, за потоа да бидат подготвени за вклучување во работниот процес.
Прашањето е сега колку компаниите ќе го послушаат советот на првиот човек на комората и колку од нив ќе се одлучат да намалат дел од профитот и да одвојат за притоа за возврат да добијат квалитетен кадар, кој од средношколските клупи веднаш ќе одлучи да се вклучи во образованиот процес.
Сепак, во целава приказна мора да го истакнеме и значењето на платите и мора да посочиме дека и со средно училиште вработените треба да земаат плати што ќе ги покриваат домашните трошоци. Компаниите што имаат проблем да најдат работници секогаш треба да се запрашуваат и кои се причините кога на објавен оглас за вработување не се пријавува ниту еден кандидат. Крајно време е стопанствениците да престанат да очекуваат дека секогаш ќе има некој што ќе ги замени старите работници и дека тој би работел за 200 евра. Минималната плата ни оддалеку не е доволна за задоволување на потребите за пристоен живот ниту на слободни млади луѓе, а уште помалку на лица што се одлучиле за оформување на семејства.
Поразителните податоци на државните институции укажуваат дека голем дел од нашата популација одвојува средства само за основни потреби, што секако е сигнал за сиромаштија. Но исто така сѐ почесто се пишува дека богатството во Македонија го уживаат неколку поединци, кои од година на година стануваат сѐ побогати, со богатства што се бројат во десетици милиони евра.
Ваквите нееднаквости се една од причините за голем дел Македонци да ја напуштаат државата и да заминуваат во странство, во потрага по подобар живот. Токму и самите бизнисмени укажуваат дека желбата за подобар живот е главен мотив за иселувањата, но не можеме да кажеме дека само платите играат улога туку големо влијание имаат и политичката ситуација и честите, односно редовни политички превирања. Сепак, токму платите, пак, се неопходни за нормален живот и за сите нас, па неопходно е компаниите, барем оние што се добростоечки, покрај грижата за своите вработени, да покажат и низ плата колку вредат тие, но и низ инвестиции во младите и во иднината, како на младите, така и на своите компании. Бидејќи со инвестирање во знаењето на младите и на своите идни вработени, тие инвестираат и во своите компании. На овој начин, благодарение на стекнатото знаење и искуство, младите веднаш ќе можат да се вклучат во работните процеси, без притоа да се губи време на нивни обуки, без да им вршат надзор други вработени…, а со тоа најмногу добиваат компаниите, кои ќе добијат квалитетен кадар што веднаш ќе одговори на работните потреби.