Во рамките на одбележувањето на Европските денови на културното наследство синоќа во Музеј галерија Кавадарци беше отворена изложбата „Симфонија во есен“ на ликовната уметница Ружица Јосифова. Со оваа изложба Јосифова одбележува два големи јубилеи и тоа 80 години живот и 60 години плодна работа како ликовен педагог и ликовен уметник.
Беа изложени 50 нејзини дела- масло на платно и две дела во чест на сеќавање на нејзиниот веќе починат сопруг, ликовниот уметник Јован Јосифовски како гостин, бидејќи таа во далечната 1961 година како гостин учествувала на неговата прва изложба.
Ружица Јосифова за своите сограѓани е омилената наставничка по ликовно воспитување за многу генерации ученици во Кавадарци и еден од главните иницијатори многумина од нив уметноста да ја одберат за животна професија.
Она што го одбележува нејзиното долгогодишно творештво е нејзината истрајност и енергија со која се одликува и денес во осумдесетата година од нејзиниот живот. Самата признава дека одамна е пензионер како ликовен педагог, но како уметник за неа нема пензија. Последната изложба претставува само еден сегмент од нејзиниот сликарски опус со мотиви на мртва природа, пејсажи, портрети, архитектура, особено традиционалната македонска, како и етнолошки предмети, потоа познати икони и манастири од тиквешкиот регион.
Јосифова досега има реализирано 50 изложби, од кои 30 самостојни и 20 групни.
Нејзините слики се наоѓаат во повеќе држави од поранешна Југославија, потоа во САД, Шведска и Германија. Од 1964 до 1980 година е еден од иницијаторите за организирање на поставките на гроздоберските карневалски поставки и костими. За својата плодна работа има добиено повеќе признанија меѓу кои, како што вели и самата, посебно е горда на „Златниот медал за труд“ добиен од претседателот на државата Јосип Броз Тито, златната плакета „Кирил и Методиј“ за постигнати резултати во воспитно образовна и педагошка дејност во 1983 година и Седмосептемвриската награда на градот Кавадарци во 2002 година.
За љубителите на нејзината уметност, сепак, најголема вредност се делата проткаени со прекрасен колорит, кои претставуваат нејзин автентичен ликовен ракопис, рече на отворањето на изложбата Весна Ѓорѓиева, директорка на Музеј галерија Кавадарци.
Мирјана Мукаетова