Активностите поврзани со процесот на евроатлантската интеграција во Босна и Херцеговина, како и усогласувањето на општествено-политичкиот систем на БиХ со законодавството на ЕУ, се во центарот на политичкиот развој во земјата, рече претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, во говорот пред Генералното собрание на ОН.
Тој оцени дека односите на Босна и Херцеговина со соседните земји се добри и интензивни, меѓутоа, поради посебните политики на соседите, повремено БиХ е сведок на активности за остварување на нечии политички интереси во рамките на Босна и Херцеговина.
– Со тоа се внесува немир и одредена дестабилизација во мојата земја, што не е добро, ниту, пак, придонесува за развој на посакуваните добрососедски односи – рече претседавачот со претседателството на БиХ.
Тој додаде дека Босна и Херцеговина мора да обезбеди уставни реформи, како и реформи на разни закони, кои мора да го исполнат европскиот стандард, а тоа е еднаквост на сите граѓани на Босна и Херцеговина во сите аспекти на животот.