Саудиска Арабија верува дека Иран стои зад неодамнешните напади врз нафтените постројки „Сауди Арамко“ и ќе ја разгледа опцијата за воена опција како одговор, по завршувањето на истрагата,  изјави министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адел ал Џубеир на прес-конференција на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Како што пренесе „Ројтерс“, тој нагласи дека Саудиска Арабија сака да мобилизира меѓународна поддршка и да ги разгледа сите опции – дипломатски, економски и воени, а потоа да донесе одлука.

– Ние сакаме да избегнеме војна, но истовремено мора да испратиме сигнал до Иранците дека таквото однесување не може да продолжи – рече Џубеир.

Тој додаде дека ОН помагаат во идентификувањето на нападите на 14 септември, кои предизвикаа нарушување на снабдувањето со нафта во светот, и дека истрагата се очекува да заврши во рок од неколку недели.