Американецот што отслужи 16 години во затвор поради убиство, пред пресудата да биде поништена, плачеше држејќи ги рацете на судијката во Бруклин, во вторникот, кога дозна дека нема повторно да биде суден за злосторството, пишува „Њујорк пост“.
– Не признаваат дека сум невин, но јас сум невин човек. Јас отсекогаш бев невин човек – кажа Џон Бан во обраќањето до судијката Шандија Симпсон, која ги прифати неговите раце, откако поранешниот осуденик се расплака, додавајќи му марамчиња.
Бан беше осуден за убиството на затворскиот службеник Роландо Најчер во 1991 година. Тој беше пуштен на условна слобода во 2006 година, а пресудата беше поништена во 2016 година.
Четириесет и едногодишниот Афроамериканец е наводна жртва на непримерните методи на детективот на њујоршката полиција Луис Скарсела, кои доведоа до повеќе неправедни пресуди. Тој имаше 14 години кога беше доведен на полициско препознавање од Скарсела, по што беше и осуден за убиството, заедно со Розијан Харгрејв, чија пресуда исто така беше поништена, но откако помина 24 години во затвор.
Скарсела е обвинет за користење на непримерени полициски техники во повеќе случаи, меѓу кои и оние на Бан и Харгрејв, што детективот го негираше. Обвинителството одби повторно да го суди Бан, иако имаше таква можност.
– Имаше период кога сметавме дека тој веќе никогаш нема да ја види слободата, но сега му се заблагодаруваме на бога за слушање на нашите молитви – кажа Морин, мајката на Бан.