Ако љубовта кон музиката е вткаена во синџирот на ДНК, јас сум сакала сериозна музика уште пред да се родам. Мајка ми и татко ми, обајцата пасионирани вљубеници во сериозната музика и нејзини врвни познавачи, ме внесоа во тој универзум на бескрајна убавина. За еден роденден во раното детство од нив на подарок ја добив плочата „Петја и волкот“ – исклучителна музичка творба со наратор, вовед во оркестарот и запознавање со музичките инструменти преку ликовите во приказната. Автор на ова ремек-дело (и на музиката и на текстот, базиран врз руска народна бајка) е Сергеј Прокофјев (1891-1953). Плочата ја слушав со восхит илјадници пати (некогаш се прашувам како не се истенчи од толку слушање) и, до ден-денес „Петја и волкот“ е една од моите омилени композиции, а Прокофјев еден од моите најсакани композитори.

Момчето Петја, главниот лик во приказната, наспроти забраната од дедо му, излегува надвор да си игра и, придружуван од малата птица, патката и мачорот, ужива во палавштините. Дедото, налутен, го враќа Петја во дворот и ја заклучува портата. Набргу се појавуваат волкот, мачорот и птицата, успеваат да му побегнат, но патката е проголтана. Петја, со помош на птицата успева со јаже да го врзе волкот за опашката и да го задржи до доаѓањето на ловџиите, кои го носат во блиската зоолошка градина. На патот дотаму, меѓу гласовите во веселата поворка (сочинета од ловџиите, Петја, дедото, мачорот и птицата) се слуша и гласот на патката, која – о, каква радост! – е жива во стомакот на волкот.

Прокофјев мајсторски го осмислил и го напишал ова дело – секој од ликовите е претставен со некој музички инструмент: Петја со гудачките инструменти, дедото со фаготот, птицата со флејтата, патката со обоата, мачорот со кларинетот, волкот со хорните, ловџиите со тимпаните. Премиерната изведба на „Петја и волкот“ била на 2 мај 1936 година во Москва, во Детскиот театар, по чија нарачка Прокофјев го напишал делото. Задоволството на композиторот било огромно, со оглед на тоа дека ги обожавал децата. Во 1938 година во Америка се сретнал со уште едно, како него, „возрасно дете“ и вечен сонувач – Волт Дизни. Осум години по оваа средба и десет по концертната праизведба на „Петја и волкот“, цртаната Дизниева верзија, со Стерлинг Холовеј во улогата на наратор, го пленила светот и сѐ уште е многу гледана. Во концертна изведба „Петја и волкот“ веќе 82 години ги маѓепсува децата, а и возрасните. Многу познати личности го прифатиле предизвикот да бидат наратори: Шерон Стоун, Софија Лорен, Михаил Горбачов, Бил Клинтон, Антонио Бандерас, Стинг, Алис Купер, Еленор Рузвелт и (на мое огромно задоволство) Дејвид Боуви.

Лада Шоптрајанова Петровска