Под мотото „Боите на независноста“, в недела, кај Школка, во Градскиот парк во Скопје, ќе биде организирана прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста. Прославата ја организира Владата, а најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев.
Предвидена е богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ. Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна, да учествуваат во спортски активности и да ја видат изложбата на децата од малите групни домови. На штандот на Министерството за здравство граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед, а припадниците на МВР и на АРМ ќе изведат показни вежби.
– Владата на Република Северна Македонија ги кани сите граѓани в недела на заедничко чествување во Градскиот парк во Скопје. Манифестацијата е со почеток во 11 часот пред Школка. Под мотото „Боите на независноста“ ве покануваме заедно да ги прославиме боите на слободата, радоста и убавината – рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција во Владата.
Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.