Вкупно над 550 фудбалери летово направиле трансфери во или од 32-та клуба од ЛШ, кои до синоќа на полноќ имаа рок да пријават листа со 25 фудбалери на кои ќе сметаат за мечевите во групната фаза
Од учесниците во новата сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) Челси ангажирал најмалку фудбалери во летниот преоден рок, еден, поради забраната за трансфери. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги објави трансферите летово во секој од 32-та клуба од ЛШ, па според овие податоци најголема промена во однос на лани има во составот на Лил, во кој пристигнале 12, а заминале 18 фудбалери.
Единствениот нов во Челси, но всушност играч што настапуваше лани, е Матео Ковачиќ, чиј трансфер беше реализиран откако беше направен откуп на договорот на претходно позајмување од Реал Мадрид. На оваа листа на УЕФА на трансфери не се, на пример, Кристијан Пулишиќ, кој беше ангажиран од Челси во јануари, но играше за Борусија Дортмунд како позајмен фудбалер (секако и многу други што како позајмени лани не играа за Челси или за некој друг клуб), или Гонзало Игуаин, кој лани беше позајмен, но летово се врати во Јувентус.
Според УЕФА, европскиот првак Ливерпул е меѓу петте клуба со најмалку нови фудбалери во однос на лани, тројца, колку што има и Динамо Загреб. По двајца новаци имаат Салцбург и Шахтер, по четворица ангажирале Славија, Аталанта и Баер, по пет нови играчи имаат Тотенхем, Бенфика, Борусија, Локомотив и Реал Мадрид итн.
Вкупно, над 550 фудбалери летово направиле трансфери во или од 32-та клуба од ЛШ. Летниот преоден рок заврши во поголемиот дел од Европа, а клубовите што ќе играат во ЛШ до синоќа на полноќ имаа рок да пријават листа со 25 фудбалери на кои ќе сметаат за мечевите во групната фаза.
Според правилата, на листата двајца мора да бидат голмани и најмалку осуммина „локално обучени фудбалери“. Ако некој клуб има помалку од осум вакви фудбалери во својот состав тогаш максималниот број на играчи на списокот се намалува соодветно. Во оваа категорија се фудбалери што во клубот поминале најмалку три години на возраст од 15 до 21 години. Клубот може да има играчи со вакви услови исполнети во друг клуб од истата земја, но најмногу четворица. Клубовите што ќе се пласираат во нокаут-фазата на ЛШ имаат право во јануари да ангажираат најмногу тројца нови фудбалери, но останува вкупната граница од 25 фудбалери на списокот.
Македонија сезонава ќе има двајца претставници во ЛШ, и тоа Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб и Елиф Елмас, од летово член на Наполи.