За некои луѓе чистењето на кујнскиот под во траење од неколку минути има смирувачки ефект, исто како оној што го произведува медитирањето. Само еден поглед на беспрекорно исчистениот дом, особено по еден напорен и стресен работен ден, може привремено да им ги ублажи сите грижи и тешкотии. Ако се препознавте во оваа група луѓе, судејќи според наодите на Дарби Саксбе, психолог од Универзитетот во Јужна Калифорнија, постојат неколку објаснувања за тоа како чистењето ви помага во намалувањето на стресот и анксиозноста.
Прво, тоа е чувство дека имате контрола над нештата. Чистењето ни дава чувство на контрола и надзор врз сопствената животна средина. Животот е исполнет со несигурност и ситуации што не се под наша контрола, но барем во сопствениот дом можеме да дејствуваме според нашата волја и желби. Од практична гледна точка, голем број луѓе имаат потреба во секој миг да знаат дека предметите што им се потребни секогаш им се достапни, а тоа е можно само ако се уредно сместени во просторот.
– Фрустрирачки е да се живее во несреден дом, во кој не можете да си ги најдете работите – вели Саксбе.
Во своето истражување таа дојде до заклучок дека жените, кои својот животен простор го сметаат за стресен, во текот на денот се чувствуваат подепресивно, одошто оние што се чувствуваат удобно и пријатно во својот дом.
Сепак, не може да кажеме дека сите луѓе на светот еднакво уживаат во чистењето – тоа веројатно добро го знаете ако некогаш сте се скарале со членови од семејството поради валканиот кујнски мијалник. Една од причините, секако, се крие во нашите карактерни особини: зборувајќи генерално, луѓето што со задоволство чистат се еколошки поосвестени и им посветуваат поголемо внимание на деталите, додека, пак, оние што не се љубители на чистењето, најчесто се поспонтани и помалку организирани од првите.
Ставот на психолозите дека средувањето и чистењето на домот го намалуваат стресот би можел да се базира врз самиот процес на еволуција.
– Ние луѓето често посегнуваме по одредени ритуали, вклучувајќи го и домашното чистење, за да го намалиме сопствениот стрес, произлезен од другите области на животот. Човечкиот ум сака да ги предвиди работите. Имаме потреба да знаеме што ќе се случи, бидејќи тоа ни помага да преживееме и да ги исклучиме влијанијата од околината – објаснува Мартин Ланг, еволутивен антрополог од чешкиот универзитет „Масарик“, чие поле на интерес е ритуалното однесување кај луѓето.
Кога не можеме да имаме никаква контрола над нештата или ги перципираме како хаотични и непредвидливи, тогаш стравот и анксиозноста имаат отворен пат кон нашата психа.
– Од еволуциска гледна точка, овој факт е многу корисен, зашто нѐ тера да преземеме акција и да се обидеме да ја контролираме животната средина. На тој начин, ништо не би можело да нѐ изненади или да ни наштети – додава Ланг.
Постојат и други аргументи за ваквите тврдења.
– Кога постои ред во куќата и во нашата непосредна околина, се чувствуваме безбедно и едноставно како да танцуваме низ просторот. Додека чистиме, се движиме и однесуваме на еден предвидлив, повторувачки начин. Токму тоа служи како когнитивен механизам, кој им помага на луѓето полесно да се справат со стресот и анксиозноста – вели Ланг, додавајќи дека тоа може да ни помогне да сфатиме зошто чистењето има смирувачки ефект врз нас.
Во една од своите студии, тој заклучил дека личностите што чувствуваат мачнина пред јавен настап, претходно повеќепати го избришале со крпа дадениот предмет од оние што не биле толку нервозни заради претстојниот говор пред јавноста. Од друга страна, мора да предупредиме дека во некои екстремни случаи, односот кон чистењето може да биде сигнал и за посериозен психолошки проблем. Така, на пример, стравот од бактерии и нечистотија, потребата сѐ наоколу да биде во комплетна симетрија и совршен ред, присилното чистење и подредувањето на предметите до степен на совршенство, лесно може да укажуваат на опсесивно-компулсивно нарушување кај личноста. В.Б.Н.