Премиерот Зоран Заев се сретна со претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа, кој беше придружуван од Живко Мукаетов, претседател на Македонската ракометна федерација (РФМ) и Филип Милошевски, генерален секретар на РФМ.
Како што информираат до владината прес-служба, на средбата Заев ги поздравил сите напори и вложувања што ги прави Ракометната федерација и потенцирал дека ракометот е спорт број еден во нашата држава.
-Светското првенство во ракомет во машка конкуренција до 19 години, кое се одржува во Скопје претставува вистинска афирмација и промоција не само на спортот, туку и на државата во светски рамки – рекол премиерот Заев.
Тој на присутните им честиташе за организацијата на првенството.
Премиерот нагласил дека во иднина ќе се зголемува поддршката со цел дополнително развивање на ракометот и спортот во земјава, а со претседателот на ИХФ разговарал за искуствата од вложувањето во спортот и спортската инфраструктура, оценувајќи дека токму тоа е правецот кој ќе овозможи што поголем број на млади да спортуваат и да се занимаваат со ракомет.
Мустафа и Мукаетов ја поздравиле определбата на Владата за поддршка на спортот и се согласиле дека заеднички ќе работат на остварување на што поголеми резултати во ракометот и промоција на спортот воопшто.