Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Кичево, во соработка со општина Кичево, интензивно работи на поставување на нова водоводна мрежа на повеќе улици во градот, истовремено поради малиот профил се менуваат и канализациските цевки, за повеќе тие да не претставуваат тесно грло во наредните години и децении, а на некои улици се поставува и нова атмосферска канализација.
Работниците се секојдневно на терен и ги завршуваат веќе започнатите реботи, а на оние улици каде што досега во функција беа азбестни водоводни цевки, се поставува нова водоводна мрежа со ПВЦ еколошки цевки.
– За да го подобриме водоснабдувањето во сите делови на градот, и за да извршиме промена на старите азбестни со нови ПВЦ еколошки цевки, интензивно работиме на повеќе улици во градот. Така на една од улиците во централниот дел, 4-ти Јули, од обете страни ќе биде поставена нова водоводна мрежа со нови еколошки ПВЦ цевки. Исто така водоводната мрежа што ја снабдува со вода за пиење детската градинка и околните објекти, ќе биде променета со нова, а ќе бидат исфрлени од употреба азбестно-цементни цевки кои досега беа во функција. Потоа на потегот од улицата 4-ти јули, па преку гимназиските објетки до општинската зграда, ќе биде поставена нова фекална канализација со цевки Ф-300, бидејќи досегашните цевки со профил Ф-200, во повеќе наврати се покажаа како тесно грло. Атмосферска канализација ќе биде поставена во делот на улицата „11-ти Септември“ од крстосницата со улицата „Борис Кидрич“ до крстосницата со „Булевар Ослободување“. Сиве овие зафати, поточно, водоводната мрежа е инвестиција на нашето комунално претпријатие, додека атмосферската канализација е финансирана од општина Кичево-истакна Зенел Јонузи директор на ЈКП„ Комуналец“ Кичево.
Од комуналното претпијатие најавуваат целосно осовременување на водоводната мрежа и фекалната канализација во целиот град. З.А.