ТРИЕСЕТ ЛИЦА УБИЕНИ ВО СЕРИЈА ИНЦИДЕНТИ ВО САД

И додека најновите масовни престрелки повторно ја разгорија долгогодишната дебата за контролата на оружје во САД, високи функционери на Демократската партија го обвинија претседателот Доналд Трамп дека со расистичките говори само ја разгорува омразата во земјата и дека ги мотивира белите екстремисти да кренат оружје против „инвазијата на мигранти и странци“, пренесуваат светските медиуми

Американската јавност повторно е шокирана по серијата масовни престрелки, кога викендов за помалку од 24 часа беа убиени речиси 30 лица, а повеќе десетици се ранети. Во првиот инцидент, кој се случи во трговски центар во градот Ел Пасо, 21-годишен напаѓач уби дваесет лица и рани уште 26 лица. Само неколку часа подоцна, животот го загубија девет лица, откако напаѓач отвори оган врз случајни минувачи на улица во центарот на Дејтон, во сојузната држава Охајо. И додека најновите масовни престрелки повторно ја разгорија долгогодишната дебата за контролата на оружје во САД, високи функционери на Демократската партија го обвинија претседателот Доналд Трамп дека со расистичките говори само ја разгорува омразата во земјата и дека ги мотивира белите екстремисти да кренат оружје против „инвазијата на мигранти и странци“, пренесуваат светските медиуми.

Полицијата во Ел Пасо, град на границата со Мексико, го идентификуваше напаѓачот како Патрик Красиус (21). Красиус, според полициските информации и очевидците на масакрот, влегол во продавницата „Волмарт“, која е дел од познат трговски центар, и веднаш почнал да пука кон присутните лица. Продавницата била преполна со семејства што пазареле пред почетокот на новата учебна година. Според Си-ен-ен, во моментот на нападот во објектот на „Волмарт“ имало околу 3.000 купувачи и речиси сто лица, вработени во продавницата.

– Ова е еден од најсмртоносните денови во историјата на Тексас – порача Грег Абот, гувернерот на Тексас.
Шефот на полицијата на Ел Пасо, Грег Ален, изјави дека масакрот во трговскиот центар се истражува како потенцијално злосторство од омраза. Според Ален, 21-годишниот напаѓач потекнува од Далас, град на околу илјада километри оддалеченост од Ел Пасо, и патувал дури девет часа со автомобил за да стигне на местото на нападот. Тој додаде дека полицијата ги истражува информациите од социјалните мрежи, на кои наводно Красиус објавил манифест пред да го изврши масакрот.

– Во моментов го имаме манифестот од ова лице, што до некој степен укажува на потенцијално злосторство од омраза – истакна Ален, додавајќи дека Красиус бил приведен по престрелката без да даде отпор при апсењето.
Во меѓувреме, мексиканскиот претседател Мануел Лопез Обрадот потврди дека меѓу убиените има тројца Мексиканци, а во болниците се лекуваат уште шест мексикански државјани. Ел Пасо се наоѓа во западен Тексас, веднаш до границата со Мексико. Градот има околу 680.000 жители, од кои 80 отсто се со латиноамериканско потекло. Неговиот град близнак Сиудад Хуарес се наоѓа веднаш преку големиот заштитен ѕид, кој поминува низ централното подрачје на двата града. Според „Гардијан“, над 23.000 пешаци секој ден преминуваат од Сиудад Хуарес во Ел Пасо, каде што работат како наемни работници.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја осуди престрелката во Ел Пасо, опишувајќи ја како „грозен чин“.
– Престрелката во Ел Пасо не е само трагичен, туку и кукавички чин. Знам дека сите заедно во оваа земја го осудуваме грозниот чин. Не постојат причини, ниту изговори што некогаш ќе го оправдаат убивањето невини луѓе – порача шефот на Белата куќа.
И покрај тоа што Трамп го осуди масакрот во Ел Пасо, на негова сметка пристигнаа остри критики од високи функционери на Демократската партија. Демократите го обвинуваат расистичкиот говор на американскиот претседател како една од главните причини за зголемувањето на омразата, како и нападите мотивирани од омраза, во САД.
– Антиимигрантската реторика на Доналд Трамп го разгоре расизмот во САД и директно доведе до зголемување на насилството, како што беше масовната престрелка во Ел Пасо, во која беа убиени најмалку 20 лица – изјави Бето О’Рурк, демократски кандидат за претседателските избори во 2020 година.

О’Рурк го обвини американскиот претседател дека е расист, кој се обидува да ги натера Американците да се плашат од мигрантите. Според него, постои поврзаност помеѓу непријателските коментари на Трамп против муслиманите, мигрантите и Афроамериканците, и зголемувањето на бројот на злосторства од омраза.

– Имаме пораст на злосторствата од омраза во секоја од изминатите три години, во текот на администрацијата во која има претседател што изјави дека Мексиканците се силувачи и криминалци, и покрај тоа што мексиканските имигранти имаат многу помала стапка на криминал отколку луѓето што се родени тука. Тој се обиде да нѐ натера да се плашиме од нив, обидувајќи се да им забрани влез на сите муслимани во оваа земја. Тој е расист. Тој го разгорува расизмот во оваа земја и тоа фундаментално го менува карактерот на земјата и директно води кон насилство – додаде демократскиот кандидат.
Со остра реакција се јави и демократскиот конгресмен Хоакин Кастро, брат близнак на претседателскиот кандидат Хулиан Кастро.

– Престрелката во Ел Пасо беше акт на тероризам против Хиспаноамериканците. Јазикот од манифестот на напаѓачот е конзистентен со описот на претседателот Трамп за латиноамериканските имигранти како „освојувачи“. Денешното пукање е остро предупредување за опасностите од таквата реторика – истакна Кастро.
Демократскиот сенатор Берни Сандерс ја искористи пригодата за да упати остра критика против републиканците и претседателот Трамп, поради нивниот отпор за воведувањето поголема контрола на оружјето во земјата.

– Не е ова само денеска, неколкупати се случи неделава. Се случи и во Лас Вегас неодамна, кога еден лудак уби околу 50 луѓе. Низ целиот свет луѓето гледаат кон САД и се прашуваат што се случува. Каква е оваа ситуација со менталното здравје во Америка, кога повторно и повторно гледаме хорор што не може да се опише. Републиканското лидерство во Сенатот повеќе е загрижено за задоволување на лобито за оружје, отколку да го послуша големото мнозинство на американскиот народ. Трамп исто така има одговорност да поддржи здраворазумски закони за безбедност од оружјето – порача Сандерс.


Над 250 масовни престрелки во САД од почетокот на годината

Масакрот во трговскиот центар во Ел Пасо постави неславен рекорд, односно тоа е 250-та масовна престрелка во САД од почетокот на 2019 година, соопшти непрофитната организација „Ган вајоленс архив“, која на интернет нуди јавен пристап до информациите поврзани со насилството со оружје.
Организацијата ги категоризира масовните престрелки како инциденти во кои четири или повеќе лица се ранети или убиени, без да се земат предвид и вооружените напаѓачи. Па, така, во масовните престрелки во САД од почетокот на годинава се убиени најмалку 522 лица, а ранети се уште над 2.000 други лица.
Од друга страна, организацијата „Евритаун фор ган сејфти“ наведе дека секој ден во САД сто лица се убиени со огнено оружје, а уште стотици други се ранети.